Лондон, 23 мај 2022 (МИА) – Меѓународното движење за борба против сиромаштијата, нееднаквоста и неправдата – „Оксфам интернешенел“, предупреди во својот најнов извештај дека годинава поради екстремното зголемување на основните трошоци за живот може да се случи на секои 33 часа милион луѓе да „влезат“ во сиромаштија.
Во извештајот се додава дека за време на пандемијата богатите енормно го зголемиле своето богатство и дека сега вкупното богатство на светските милијардери вреди 13,9 отсто од глобалното БДП, што е трипати повеќе од 2020 година. Во исто време, десетте најбогати луѓе во светот имаат повеќе богатство од 40 отсто од најсиромашниот дел од човештвото, односно 3.1 милијарди луѓе.
Извештајот, исто така, покажува дека 573 милијардери станале за време на пандемијата, што е по еден на секои 30 часа.
„Очекуваме дополнителни 263 милиони луѓе да паднат во екстремна сиромаштија оваа година, со стапка од еден милион луѓе на секои 33 часа“, соопшти Оксфам.
Извештајот објавен пред Светскиот економски форум во Давос укажува дека прво пандемијата, а сега ненадејниот скок на цените на енергијата и храната, го зголемија богатството на милијардерите и им донесоа на работниците повеќе работа, пониски плати и полоши работни услови.
„Милиони прескокнуваат оброци, го исклучуваат греењето, заостануваат со сметките и се прашуваат што можат понатаму да направат за да преживеат. Низ Источна Африка, веројатно секоја минута по едно лице умира од глад. Оваа гротескна нееднаквост ги раскинува врските што не држат заедно како човештво“, нагласи директорката на Оксфам Интернешнал, Габриела Бучер.
Новата студија на Оксфам наведува дека корпорациите во енергетскиот, прехранбениот и фармацевтскиот сектор „остваруваат рекордно високи профити“, а богатството на милијардерите во областа на храната и енергијата се зголемило за 453 милијарди долари во изминатите две години. Во исто време, рекордно високите глобални цени на храната предизвикуваат социјални и политички пресврти, 60 отсто од земјите со ниски приходи се на работ на должничко ропство, а инфлацијата и растот на цените се фатални за работниците со ниски плати чие здравје и егзистенција се веќе ранливи на пандемијата, со посебно внимание на лошата положба на жените и маргинализираните групи.
Оксфам повикува на воведување еднократни даноци за солидарност на доходот на „милијардерите од пандемијата“, да престане „профитерството во криза“ со воведување привремен данок на вишок на добивка, како и воведување на постојани даноци на богатство од два проценти за милионерите и пет проценти за милијардерите.