Окованиот слон во македонскиот циркус

ele[1]

Кога бев мал, бев вљубен во циркусот и најмногу од сé ги сакав животните. Особено слонот, кој ми беше омилено животно. А и на другите деца, како што разбрав подоцна. На секое претставување тој ја демонстрираше неверојатната маса, големината и силата.

Но по настапот и дури и пред да излезе на сцената, стоеше заврзан за едно колче, забиено во земјата, со закачен синџир околу ногата. А колот беше само едно парченце дрво, набиено едвај неколку сантиметри во земјата. И покрај дебелиот и цврст ланец, ми беше сосема јасно дека едно толку силно животно, способно да извлече цело дрво од коренот, би можело лесно да се ослободи од дрвеното колче и да избега. Тука мора да има некаква загатка. Што го сопира, тогаш? Зошто не бега?

Кога имав шест-седум години, уште верував дека возрасните се многу умни. И прашав еден учител, еден отец и еден мој чичко, за загатката за слонот. Некој од нив ми објасни дека слонот не бегал зошто бил дресиран. Тогаш поставив сосема јасно прашање:

– Ако е дресиран, тогаш зошто е во окови?

Не се сеќавам дека добив некаков логичен одговор. Со време бев заборавил на слонот и колчето, а се присетував само кога некој друг ќе го поставеше истото прашање. Пред неколку години разбрав дека, за среќа, се нашол некој доста умен човек, кој го открил одговорот:

Слонот од циркусот не бега, зашто бил врзан за таков кол уште кога бил многу, многу мал.

21588247_3[1]Ги затворив очите и си го замислив беспомошното новородено слонче, врзано за колот. Сигурен сум дека тогаш малото слонче се тегнело, буткало и влечело, мачејќи се да се ослободи. Но и покрај сите усилби, не успеало, затоа што тогаш тој кол бил премногу силен за него.

Си замислив како заспивало истоштено и како другиот ден одново се мачело. И следниот, и по следниот, исто така… Додека еден ден, еден ужасен ден, животното просто не поверувало во својата немоќ и се помирило со својата судбина.

Огромниот силен слон, кој го гледаме во циркусот, не бега, затоа што си мисли, кутриот, дека не може. Споменот за поразот, преживеан малку по раѓањето, го обележал засекогаш. Но, најлошото е, што тој никогаш не се дрзнува да го доведе во прашање тој спомен. Никогаш, никогаш не се дрзнува одново да си ја проба силата…

Хорхе Бухај

- Реклама -