Околу навиката гостите да ги соблекуваат чевлите

bosi

Одиме на гости. Вечера со пријателите.

Се собравме четири пара и уште понекоја сé уште самостојна единица, па зборуваме за друштво од околу единаесет – дванаесет луѓе. Станот на домаќините е голем, нé канеа упорно веќе долго време и конечно прогласија и повод – славиме десет години откако се заедно.

Скромно рекоа да не носиме подароци, навестија дека ќе има убав шампањ и некако сите сфативме дека поводот бара да сме горе-доле официјално облечени. Се збиваме пред прекрасниот влез на зградата, ѕвониме на домофонот и правиме смешни фаци на камерата, потоа тргнуваме по ладните скалила  по долготрајното „бииип!“ на бравата. Лифтот нé искачува на петтиот кат, излегуваме заедно носејќи го огромниот букет цвеќе, јас храбро потскокнувам на високите потпетици и токму во овој момент… изненадување!

Пред белата, луксузна врата на нашите домаќини, точно под златната топчеста квака на бравата, на розовиот мермер на подот, до самата дизајнерска саксија со каланхое, се извива стројна редица од соблечени чевли! Лесни машки оксфордски тип, мокасини со гумен ѓон, нежни сандали со тенки каиши, сребрени балеринки, високи со отворена пета… што ти душа и нога сака!

Додека успееме да ги размениме збунетите погледи, вратата се отвора и во рамката со насмевка се позиционира гостопримливото семејство – облечени полуофицијално – тој – со бела кошула и ленени панталони, таа – со едноставен свилен краток фустан со прерамки. И двајцата – по папучи. Го прифаќаат букетот со радост, нé покануваат да влеземе и како по команда ги забиваат погледите во нашите нозе. Демек: „соблекувајте ги чевлите!“

И ние – што да правиме – ги соблекуваме чевлите. Безволно ги соблекувам долго бираните според фустанот високи чевли и стапнувам на скапата домашна теракота со прстите, стегнати во беж хулахопки. Задникот ми се лизнува надолу, телото ми се опушта и фустанчето почнува да ми личи на спаваќа.

И со маж ми не е многу поразлично. Лето е, човекот облекол светло ленена панталона, натнал лесна кошула со засукани долги ракави и го комбинирал сето ова со платнени мокасини на босо. Е, сега стапалата беспомошно му плескаат по студениот под, а ленените ногавици му се веат околу влакнестите зглобови како бродско платно. Единствената смирувачка околност е што во големата дневна наидуваме во друштво на уште собуени луѓе. Кој по чорапи, кој со мрежести хулахопки, од кои низ баклавичките извира нокт, кој бос, со проблематични нокти или пак со двонеделно стар педикир.

Се врткаме со чаши луксузен шампањ, зборуваме за уметност и политика, а стапалата ни потонуваат во белиот тепих. Приседнуваме повремено на кожните каучи и очите без да сакаат ни се загледуваат во прстите на другите – толку е убаво да се запознаеме на овој нов, така близок начин! Одвреме навреме некој ќе промрда со прстите, ќе ги рашири во просторот и потоа дискретно ќе ги зарие во тепихот. Друг пак ги спојува стапалата и почнува полека да ги втрива едно во друго, додека чорапите му издаваат така интимен, придушен звук на триење на една во друга материја.

На самата вечера, околу масата, е уште попријатно. Површината на масата е стаклена, па меѓу прекрасните ордевери, садовите со салати и порцеланските чинии, погледот непогрешливо ти паѓа на нечија туѓа гола нога и голи прстиња што мафтаат во воздухот како опашки на мали кутриња. По прилично добрата количина на алкохол, има и танцување. Мислам дека години ќе ми требаат за да го избришам споменот од класичниот рокенрол од 60-тите, истанцуван од една разиграна двојка и нивните жолтеникави петти. Исто така, веројатно долго ќе ги сонувам и сите оние рок блузови од 80-те на Скорпионс и Вајт Снејк, на кои елегантни мажи и жени се нишаа прегрнати, а крупните палци на мажите остро допираа до палците на жените кои стегнати во мрежестите хулахопки се наѕираа како затворенички глави низ решетки…

***

Ќе запрам тука, за да не стане премногу физички неподносливо за читање за луѓето со деликатна имагинација и чувствителни стомаци. И појаснувам две важни работи. Прво, дека тоа беше последното наше гостување кај инаку многу милите ни домаќини, од проста причина што босите нозе не ни дозволуваат да ја повториме грешката. И второ, дека тоа не е македонска или балканска случка. Некако ќе беше посфатливо, ако беше.

Иако звучи сосема во склад со просечната македонска гостопримливост и соодветниот на неа менталитет, всушност овој заплет ми се случи во Австрија. Во Виена. Во скап кварт и семејство со годишни примања кои би можеле да покријат дел од странскиот долг на Македонија…

Навикнати сме да ја мислиме традицијата со соблекувањето на чевлите при влегување во нечиј дом за многу македонска. Вистината е дека всушност на доста места во светот можат да ти побараат да ги оставиш чевлите пред вратата, без воопшто да сфатат дека чевлите ти се дел од целокупната твоја визија, од твојот стил. Колку повеќе одиме на исток, толку повеќе треба да очекуваме дека ќе бидеме принудени да шлапаме по чорапи или боси петти во хорските холови или дури и во некои административни згради. Во дел од традиционалните ресторани во Јапонија, Кина, Тајланд или во некои арапски земји тоа е јасно – чевлите не смеат да бидат во близина на храната, затоа на масата се седнува или се клечи до неа по чорапи. Во Турција, на пример, редот е исто таков да се очекува од тебе да се собуеш пред да влезеш.

Во принцип, во муслиманскиот свет се смета за нешто навредливо кога го покажуваш ѓонот на чевлите, па за можат луѓето удобно да си седат со скрстени нозе по машки, мажите таму не бива да носат чевли.

Имам избледен детски спомен од посета на еден провинциски бугарски музеј во кој ни дадоа „службени“ лесни влечки за посетители. Страшно возбудливо беше да се чека во редот за да оставиме чевлите на гардеробата, но подоцна пак беше м,ногу забавно да се гледаат посетителите како паѓаат како зрели круши заради влечките кои неконтролирано се лизгаа меѓу експонатите.

Да те натераат да ги соблечеш чевлите, се чини, е можно и во „најдобрите семејства“. Дури и кога тие се германски, на пример. Пред неколку години требаше да направам интервју со познат германски режисер на документарни филмови, кој пријателски ме покани дома. Заѕвонив на вратата точна како швајцарски саат и облечена според правилата на бизнисот и новинарството.

Е па, црните едноставни чевли ми паднаа како жртва на чисто белиот мек тепих од лама во кабинетот на домаќинот, по директни инструкции поднесени од неговата сопруга. „Ако сакате вие и вашиот асистент да ги оставите чевлите тука за да не го извалкате ненамерно подот во кабинетот на Вулф!“, насмеано и по германски (соголено од било какви компромиси) рече таа. За тоа што потоа моравме да ги истрпиме неподносливо пријатните мириси од целодневно затворените во патики нозе на споменатиот асистент, сама си беше виновна! А пак тој – инаку доволно чист и интелигентен човек кој едноставно беше принуден да снима низ минхенските улици цели десет часа претходно – целосно потона во килимот од срам…

Собуена сум присуствувала уште на доста места и по различни поводи. Многу типично, на пример, е жени да се соберат на повојница на бебе и да се шуткаат и кикотат околу него боси, сметајќи дека така нема да му увезат микроби од надворешниот свет. Ништо за тоа дека едноставно би можеле добро да ги исчистат чевлите пред да влезат во бебешкото царство или наместо тоа да си носат резервен пар за промена. Дури и мајката да нема проблем со чевлите, секогаш ќе се најде некоја повнимателна баба која ќе прогласи масовна забрана за присуство на чевли во близина на непроценливото бебе. Истото ми се случувало и на детски роденден, каде на секој гостин му беа доделени папучи. Така јас ги добив штотуку соблечените кломпи на прабабата, фино затоплени и во точен облик на нејзиното стапало што со години ги газело.

Мислам дека тоа е еден од најсилните моменти на гнасење кои сум преживеала во својот живот. Сум била дел и од пообмислени „ивенти“ со собување – на сите гости им беа обезбедени хотелски, односно влечки за една употреба. Иако тоа е далеку подобро од пејзаж од палци и жолти пети, и таа глетка не би ја оценила како задоволителна.

Конечно, да си кажеме како што е! Голем простотилук е да си ги собуваш гостите, освен ако тоа не е традиција на народот на кој ти е многу важно да припаѓаш. За нас, како Европејци и модерни луѓе, чевлите се незаменлив дел од целиот изглед, со нив ногата изгледа далеку попријатно, а и кога е чиста, тоа е похигиенската опција. Ако имате случајно скап тепих, за кој е многу важно да го пазите од уличната прашина залепена на ѓоновите на чевлите на вашите гости, пак, барем извадете го за тоа време во кое сте ги поканиле!

Или, пак, стојте си со него – сами, боси и на чисто.

Е. М.

- Реклама -