Оклахома Сити во западното финале (видео)

Оклахома Сити Тандер е тимот што ќе му се спротистави на Сан Антонио Спарс во финалето од Западната конференција. Кошаркарите на Оклахома Сити синоќа славеа со убедливи 106:90 над ЛА Лејкерс, што беше нивни четврти триумф во петтиот меч над „Езерџиите“ за конечен триумф во оваа плејоф-серија.

Гостите од Лос Анџелес беа достоен ривал сè до финишот од третата четвртина, кога Оклахома Сити предводена од Вестбрук направија серија од 14:3. Кога домаќините го почнаа последниот период од мечот со серија од 10:0, стана јасно дека Лејкерси нема да можат да се вратат во мечот, па славјето во арената на Оклахома Сити почна порано од последниот свиреж на сирената.

Расел Вестбрук со 28 поени беше најпрецизен кај победничкиот тим, каде што Дурент реализираше 25 поени и 10 скокови, а Џејмс Харден го заврши натпреварот со 18 поени. На Лејкерси не им помогна ниту извонредната партија на Коби Брајант, кој постигна 42 поени, но поради недоволната помош од соиграчите сепак мораше со наведната глава да го напушти теренот.

{youtube}WeyvUcG6daM{/youtube}

Бостон поведе со 3:2 во серијата со Филаделфија, откако Sелтикси стигнаа до убедлив триумф на домашен терен од 101:85. Сосема неочекувано, Брендон Бас беше човекот на одлука за Бостон, откако овој кошаркар постигна 18 поени во третата четвртина, вкупно 27 на натпреварот помагајќи му на својот тим да се најде на само еден триумф до пласман во финалето на Источната конференција. Кевин Гарнет постигна 20 поени за Селтикс, додека Рејџон Рондо повторно беше на потребното ниво, завршувајќи го натпреварот со 13 поени и 14 асистенции.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -