Обвинителството по допрен глас оформи предмет, откако ИРЛ објави истражување за клиничката болница „Жан Митрев“ и доктор Жан Митрев.
„Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлгуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето“, се наведува во одговорот на Обвинителството испратен до МИА.
Како што соопшти редакцијата на ИРЛ на својата веб страница, денеска до неа пристигнала и кривична пријава против Жан Митрев, неговата болница и вработени лица, а ја поднел адвокатот Асмир Алиспахиќ пред три месеци во име на пациент кој се лекувал таму и починал од сепса.
„Откако откривме дека КОВИД пациенти без да знаат дека се предмет на клиничко испитување, им била нудена хемофилтрација (филтрација на крвта) како единствен спас од вирусот за илјадници евра, обвинителството ќе ги проверува наодите на семејствата на жртвите, кои сведочеа за пропустите со кои се соочиле при лекувањето во клиничкиот центар ‘Жан Митрев’. Клиничките студии не биле пријавени во МАЛМЕД. Клиниката на доктор Жан Митрев, не пријавила ниту една интрахоспитална инфекција во Центарот за јавно здравје, иако потресните сведоштва на семеjствата на пациенти кои се лекувале таму посочуваа на интрсахоспитални бактерии кои биле кобни по животите на нивните најблиски“, наведоа од ИРЛ.
Во меѓувреме стотици пријави од граѓани за неправилности и злоупотреби во рамки на државниот и приватниот здравствен систем пристигнале до редакцијата на ИРЛ, по објавувањето на документарецот „Нечиста крв“.
„ИРЛ е непрофитна организација со мал тим на новинари кој работи со скромни ресурси. Важно е да нагласиме дека нашата цел и задача е да известуваме за проблемите, но ја немаме моќта која ја имаат институциите да ги спречат овие случаи и да им дадат правна разврска. Затоа е потребно пријавите освен до ИРЛ, да бидат испратени и до институции како јавното обвинителство и надлежните инспекторати.Во моментов се соочуваме со дефицит на човечки ресурси, поради што не сме во можност веднаш да одговориме на сите пријави. Сакаме да ве известиме дека сите граѓани кои ни се обратија и оставија свој контакт ќе бидат исконтактирани во наредниот период и ќе се обидеме да обработиме што е можно повеќе пријави. Искуствата на граѓаните ќе бидат објавени и на официјалната страна на ИРЛ“, наведуваат од редакцијата.
Истражувањето на ИРЛ покажа дека приватна болница, која има најмногу пациенти за време на Ковид-19 пандемијата и во која лекувањето беше исклучително скапо, го применува методот на хемофилтирација (филтрирање на крвта), кој бил клиничка студија. Клиничките студии не биле пријавени и одобрени во МАЛМЕД. Скапото лекување на клиниката, кое чинело од 12 илјади евра па нагоре, всушност било дел од клиничка студија, во која Жан Митрев навел дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето.
Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако е законски обврзана да го извести државниот орган.
Во документарецот сведочи семејството Брезеви, кои изгубиле член, кој се лекувал во болницата. Сопругата на починатиот за ИРЛ раскажува дека покрај лекувањето на Ковид, нејзиниот сопруг добил низа интрахоспитални инфекции, а бил подложен и на хемофилтрација на крвта. Новинарите од ИРЛ разговарале со уште 20-ина семејства чии блиски починале во болницата и добиле слични или исти сведоштва.
Од клиника „Жан Митрев“ истражувањето го оценија како обид за намерно нарушување на угледот и честа на болницата. Реагираат дека станува збор за невистинити квалификации кои се насочени кон намерно нарушување на честа и угледот на болницата, а истите се и вознемирувачки и за пациентите. Во реакцијата велат дека се згрозени од „тенденциозниот говор на омраза употребен кон нив, како и од неточните наводи, односно фабрикуваните информации кои единствено се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност на работата на болницата“.
„Очигледно е дека овие лажни информации се креирани со намера за целосно искривување на фактите кои се однесуваат на долгогодишната успешна работа на клиничката болница „Жан Митрев“, каде што работат повеќе од 400 стручни и професионални лица под раководство на д-р Жан Митрев“, се вели во реакцијата.