Ограничувањето на маржите на основните прехранбени производи продолжено до 30 јуни

Владата, на денешната седница, на предлог на Министерството за економија, донесе одлука за продолжување на рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи до 30 јуни 2023 година.

Со оваа Одлука, највисоката трговска маржа за белиот леб – сечен на парчиња или цел, белиот шеќер и сончогледово масло за јадење, со исклучок на ладно цедено, се утврдува во висина до 5 отсто во трговијата на големо и на мало.

Највисоката трговска маржа за брашно од пченица тип 400 и тип 500, макароните и шпагетите од тврда пченица, македонскиот ориз бел, трајното кравјо млеко со масленост од 2.8, 3.2 и 3.5 отсто, јајцата од кокошка, урдата, кравјото и мешаното бело сирење, кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт се утврдува во висина до 10 проценти во трговијата на големо и на мало.

„Имајќи предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените преку утврдување на висината на трговската маржа, која треба да влијае на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, а состојбата на пазарот укажува дека цените се уште не се стабилизирани, се наметна потребата да се предложи измена на Одлуката, со која рокот на примената се продолжува за следните два месеци од оваа година, односно од 30 април до 30 јуни 2023 година“, се наведува во соопштението Министерството за економија.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Од Министерството посочуваат дека за времетраење на оваа Одлука, Владата дополнително има донесено и одлуки за определување највисоки цени во трговијата на мало на свежи јајца од кокошка и ориз, која ќе се применува до 30 април 2023 година, на трајно кравјо млеко со масленост од 2.8, 3.2 и 3.5 проценти, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт, која ќе се применува до 31 мај 2023 година, на тестенини (макарони и шпагети), која ќе се применува до 31 мај 2023 година, како и на леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел) која ќе се применува до 31 мај 2023 година.

МИА

- Реклама -