Атрактивната сезона на одмори започнува од средината на јуни и трае до крајот на август. Но, дали сте размислиле да заминете на одмор вон сезона? Ако не, тогаш погледнете неколку причини зошто да го изберете септември за вашиот летен одмор.
Избегнете ги гужвите
Луѓето кои имаат деца на училишна возраст се присилени да одат на одмор во текот на сезоната, бидејќи таа се поклопува со распустот. Исто така, туристите од западните земји најчесто одат на одмор во текот на „жешките месеци“. Поради ова, најдобрите дестинации секогаш се најпосетени во текот на јули и август. Доколку сакате да ги избегнете гужвите и да имате малку поопуштен одмор, тогаш септември е вистинскиот месец за вас.
Одлична клима
Медитеранските земји имаат совршени климатски услови за одмор во септември. Летото сѐ уште трае, но деновите не се толку топли како во јули или август. Морето е пријатно за бањање, деновите и натаму се долги и сончеви, но вечерите стануваат многу поубави и посвежи и веќе нема да ви биде потребен климатизер за да спиете.
Подобри зделки
Фактот што септември се смета за вонсезонски месец ги прави аранжманите многу поевтини отколку во врвот на сезоната. Во одредени години кога помалку луѓе патуваат на прекрасните дестинации за одмор, се случува и онака пониските цени дополнително да бидат снижени. Но, одморот во септември не значи само заштеда на цената на аранжманот. Локалите на местото каде што патувате, превозот, турите со бродови, изнајмувањето автомобил и сите други услуги обично стануваат поевтини кога побарувачката се намалува. Токму затоа, вкупната цена на одморот во септември за двајца, може да ве чини колку одмор за еден човек во врвот на сезоната.