Одложено е отворањето на Центрите за мигранти во албанското пристаниште Шенѓин и поранешната, сега напуштена воена база Ѓадер. Двата објекта во округот Лежа требаше да бидат отворени денеска.
Сандер Мараши, директор на пристаништето во Шенѓин, кусо изјави дека причина за тоа е што во пристаништето „продолжува изградбата на прифатниот центар“.
Според албанските медиуми, минатата недела новинската агенција АНСА објавила дека отворањето на центрите ќе биде одложено поради градежните работи што во моментов ги изведуваат италијански компании.
– Инженерите на италијанската армија, кои работат во Шенѓин и Ѓадр, според договорот меѓу Рим и Тирана, сè уште не ја завршиле изградбата на прифатните центри, пренесе оваа италијанска агенција.
Медиумите наведуваат дека на почетокот на месецов, само мал број монтажни блокови биле поставени во центарот во пристаништето Шенѓин, што ќе биде првиот прифатен пункт.
-Кога ќе биде завршен, центарот ќе биде 4.000 квадратни метри опкружен со метални ѕидови високи четири метри. Мигрантите тука ќе бидат евидентирани, ќе им биде направена првична здравствена проверка и ќе се прибираат барања за азил. Потоа ќе бидат испратени во Ѓадр, на околу 20 километри од пристаништето, каде ќе чекаат одговор на барањата за азил или евентуална репатријација, теоретски најмногу 28 дена. Двата центри, кои ќе ги финансира и управува Италија, можат да примат до 3.000 мигранти месечно, кои ќе пристигнат од Италија по морски пат, додаваат медиумите.
Се проценува дека за пет години, функционирањето на овие центри Италија ќе ја чинат од 650 милиони до 750 милиони евра.
Договорот, што на 6 ноември минатата година, во Рим го потпишаа премиерите на двете земји, Џорџа Мелони и Еди Рама, има важност од 5 години со можност за негово продолжување. Италијанскиот Сенат истиот го ратификува на 15 февруари, додека албанскиот парламент седум дена подоцна, само со гласовите на владејачката Социјалистичка партија.