Побожната Мари Жан Пјер повеќе од деценија работела како садомијачка во хотел во Мајами, сé до март 2016-та, кога била отпуштена бидејќи пропуштила шест неделни смени на работа, за да присуствува на христијанска богослужба во Бетелската баптистичка црква на која била член.
60-годишната Мари тврдела дека го известила својот работодавач дека не може да работи во недела поради своите верски уверувања. Во тужбата, нејзиниот адвокат тврди дека нејзиниот поранешен работодавач го прекршил Законот за граѓански права од 1964 година, кој ги штити работниците од дискриминација на основа на раса, вера, пол или потекло.
Минатата недела судот донесе пресуда во корист на Мари Жан Пјер, доделувајќи ѝ 21 милион долари отштета, во која се вклучени и надоместоците за заостанатите плати, како и отштета за причинетата емоционална болка.