Горан Пандев сепак ќе го пропушти стартот на новата сезона во Серија А, откако раководството на Наполи не успеа во својата намера со жалба да ја ублажи казната што македонскиот ас ја заработи за црвениот картон добиен на мечот од Супер купот на Италија против Јувентус.
Македонскиот репрезентативец доби директен црвен картон поради навредување на помошниот арбитар, па дисциплинската комисија по повторното разгледување на случајот сепак реши да не ја намали неговата казна, исто како и суспензиите на Ѕунига и на Досена, коишто исто така ќе го пропуштат стартот на сезоната.
Единствена добра вест за Наполи беше укинувањето на казната од еден меч за Валтер Мацари, па тренерот на „Наполитанците“ ќе може да седи на клупата на неделното гостување против Палермо.
Суспензијата од два меча значи дека Пандев ќе го пропушти премиерниот меч на Сицилија, но и првиот домашен натпревар на Наполи, против Фиорентина закажан за следниот викенд.
Македонскиот голгетер ќе го има своето деби во новата сезона од Серија А дури во рамките од третото коло, на мечот во Неапол против Парма, но Пандев во меѓувреме ќе го предводи нашиот национален тим на гостувањата против Хрватска и Шкотска на стартот од квалификациите за СП 2014.