Како што истакнуваат жителите на улицата околу плоштадот Славија во Белград, од редовен, музичката фонтана прешла во продолжен режим на работа – дури и за викенд. Но, стандардната бучава не е тоа што најмногу им ги бранува нервите – поголема тортура трпат од монотоната музичка програма на самата фонтана.
Првично беше планирано фонтаната да „свири“ од 19 до 22 часот. Во последно време, меѓутоа, локалните се жалат дека фонтаната „работи“ прекувремено. Во викенд и до 1, а некогаш и до 1:30 часот по полноќ.
Милица е студентка и има пораснато покрај Славија. Ушите, вели, одамна ѝ се навикнати на општата бучава, но сé уште не може да се навикне на шесте песни кои се вртат во круг нон-стоп.
„Психички тоа целосно нé убива, затоа што и кога имате омилена песна, ја слушате 10-15 пати, а не ја слушате секој можен ден, по 3 часа, година дена. Овие песни, лошо ќе се изразам, ама ни се згадија. Нé асоцираат на сé што е грдо, на овој апсурд кој се случува овде“, вели за спрската N1.
Остатокот од приказната е слична на она на што сме навикнати во Македонија – подавање на одговорноста. Кога Милица (или било кој друг) ќе се обрати до Градската управа, од таму ги упатуваат да се жалат до „Водовод“. А во „Водовод“ одговараат дека се задолжени само за активирањето на музичкиот софтвер, а не и чепкање во истиот (т.е. менување на музичката програма).
Дека надлежните избегнуваат да одговорат и реагираат, јасно ѝ е и на Милица, која вели дека секој пат (од многуте) кога се обратила до оваа или онаа надлежна институција, од таму ѝ враќаат дека има многу поплаки, но дека тие не можат ништо да сторат. Додуша, вели Милица, на телефон се многу подрски отколку што ви звучи ова пренесеното.
Ако музичката фонтана е толку неопходна, вели студентката, барем нека ја направат поднослива.
„Во 3 часа може да се склопи извонредна плејлиста која ќе биде навистина пријатна за секој да ја слуша со задоволство. Но комбинацијата од три српски шлагера, Мајкл Џексон и Павароти, цело време во круг, е смешно“.
Врвот на шлагот на тортата (на апсурдот) е што дури и некој да сака намерно да дојде и да ја слуша музиката од фонтаната, ќе нема ни каде да застане, ниту пак ќе најде клупа да седне…
Можеби примеров нас директно нé не засега, ама си имаме и ние доста слични. Сето тоа е уште еден доказ зошто во институциите за урбано планирање ни се потребни луѓе што мислат со мозоци, а не истренирани мајмуни што само удираат печат. Со овие вториве, ете видовме, со години се обидуваме и не иде. Можеби редно е да пробаме со првиве.