Од ставањето на Мерко на „црната листа“, ниту еден правосуден орган или институција не се обратиле до САД да ги побараат доказите за да отворат постапка – вели Агелер

„Црната листа“ на САД, на која само во последните 8 месеци се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени, е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите и во неа не се стигнува поради сомнежи, туку врз основа на цврсти докази, истакна денеска амбасадорката Анџела Прајс Агелер, одговарајќи на прашање конкретно за поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој најави дека ќе ги обжали „сомнежите“ на САД.

Во однос на „црната листа“ и корупцијата во земјава, Агелер посочи дека она што најмногу ја збунува е фактот што по секое објавено ново име на листата, „никој во Северна Македонија не е изненаден“, ниту меѓу граѓаните, вели, ниту меѓу официјалните претставници.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

Оценувајќи го како позитивен чекорот на Владата да предложи закон со кој автоматски ќе се отвора истрага во земјава за секое лице кое ќе се најде на „црната листа“ на САД, како што се практикува за листите на ЕУ и ОН, Агелер посочи дека од јуни годинава, кога САД го ставија струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, досега ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратила до нивни колеги во САД да побараат споделување на доказите, со цел да се отвори постапка и во земјата за лицата кои се на листата.

Извор: МИА

- Реклама -