Малезиската полиција соопштува дека проценетата вредност на предметите одземени од становите на поранешниот премиер Наџиб Разак изнесува дури 234 милиони евра.
Од становите се одземени пари, накит, стотици рачни часовници, па и женски чанти, сето тоа во рамки на истрагата за перење пари. Шефот на одделението за истраги – Амар Синг, вели дека тоа е најголема заплена во историјата на Малезија.
Според него, одземени се 12.000 парчиња накит, 567 чанти од познати брендови, 423 часовници, и 234 пара очила.
Наџиб беше премиер од 2009-та до мај годинава, а новата влада најави дека сака да ги поврати проневерените средства од сега расформираниот државен инвестициски фонд формиран токму од поранешниот премиер, фонд кој сега е задолжен со околу 10 милијарди евра.
Токму тој случај во голема мерка придонесе за тешкиот изборен пораз на поранешната коалиција предводена од Наџиб, а која беше на власт 61 година. Се проценува дека малезискиот екс-премиер проневерил околу 640 милиони евра, но тоа не го спречуваше да не пропушти прилика да негира дека направил било што нелегално.