Од сите можни проблеми и препораки на УНЕСКО, Охрид фати да ги корне палмите од Груевски (ФОТО)

На толку критики во нацрт-извештајот на УНЕСКО, поради кои статусот на светско културно наследство на Охрид виси на конец, градските власти се решија да почнат од палмите, со нивно корнење, објави „МЕТА“.

Она што веројатно најмалку влијае на статусот на Охрид – палмите, властите го поставија како врвен приоритет, повикувајќи се на препораката на УНЕСКО за внимателно зачувување на автентичноста и интегритетот, на архитектонската и урбанистичката кохерентност на Охрид. УНЕСКО, на пример, бара да се избегнува користење на форми и материјали кои не се карактеристични за подрачјето и флората.

„Во согласност со препораката под реден број 19, која беше нотирана од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески денеска издаде работен налог до ЈП ‘Охридски Комуналец’ за отстранување на палмите од потегот на кејот Македонија и на потегот од каналот Студенчишта до поранешен хотел Парк“, се вели во соопштението од општината.

Од моментот кога нацрт-извештајот на УНЕСКО стигна до јавноста, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ почнаа меѓусебно да се препукуваат за тоа кој има поголема „заслуга“ за тоа што Охрид е на чекор до добивање на статус на загрозено светско наследство. И двете страни, можеме слободно да речеме, имаат добри аргументи. Што во превод значи дека и оваа и претходната власт се и те како виновни.

Палмите пак, околу 200 на број, во Охрид беа засадени во времето на владата на Никола Груевски. Поради тоа што охридската клима не им одговара, беа покривани со специјални заштитни платна, како и во остатокот од земјата. И покрај тоа, многу од нив се исушија. За вкупно 1.100-те набавени палми низ Македонија, тогашната влада вложи околу 522.000 евра. Од што произлегува дека една палма во просек чинела по околу 500 евра.

Сепак, тоа што Охрид се фати прво за палмите, за жал, не делува како искрена желба да се задржи статусот во УНЕСКО, туку на уште една фарса во обид да се освојат политички поени, или поточно, да се оцрни политичкиот противник. Таквото наше „светско наследство“, се чини, никогаш нема да биде загрозено.

- Реклама -