Од септември, Карпошани ќе користат картичка „Мој Карпош“, со која ќе имаат попусти во 230 фирми, маркети, продавници и угостителски објекти на територија на општината.
За да добијат ваква картичка, жителите на Карпош треба да аплицираат во архивата на Општината, во месните заедници или преку општинската веб-страница.
Целта на овој проект како што кажа градоначалникот Стефан Богоев е да се раздвижи економијата на локално ниво, граѓаните да купуваат и користат услуги по пониски цени, а фирмите да имаат поголема посетеност, а со тоа и поголема добивка.
„Знам дека ова нема да им се допадне на центарци и аеродромци, но наше цел е да заживее економијата во општината. Бенефит од овој проект ќе имаат и фирмите кои ќе имаат поголем промет и граѓаните кои по пониски цени ќе можат да ги користат нивните услуги. Во Карпош има 53.000 гласачи, со оглед на тоа дека картичка ќе може да ја добијат граѓаните над 13 години, бројот на карпошани кои ќе бидат опфатени со овој проект ќе биде поголем“, рече градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.
Наскоро ќе биде познато и кои фирми ќе се придружат на оваа иницијатива и ќе понудат попусти за жителите на Карпош.