На 14 февруари 1992 година, околу 1 милион (наводно) луѓе излегоа на улиците на Солун за да протестираат околу името на Македонија. Споредено со тогаш, денешниве антимакедонски протести во Грција изгледаат смешно, што, да се надеваме, значи дека Грците во меѓувреме „пораснале“, а тоа што го гледаме сега се само мал дел од нив, тие најрадикалните.
Како и да е, претходната година (зборуваме за 1991-ва), Македонија прогласи независност од Југославија под името „Република Македонија“, што предизвика извонредно бурни реакции во грчката јавност и политика. Резултатот беше протестот во Солун, наводно најголемиот протест во модерната историја. Многумина од Грците сметаат дека тогаш е посеано семето на грчката екстремна десница и националниот популизам.
Подготовките за протестот беа интензивни. Во грчките весници можеше да се прочита дека знамиња и транспаренти се шиеле деноноќно. Куп организации, од Грција и од странство, донирале пари за организација на настанот. Во весникот „Македонија“ вечерта пред протестот пишувало: „Градот ќе биде облечен во сино-бело, и нешто пред пладне ќе ја замрзне сета функција. Работници, ученици, студенти, домаќинки и пензионери ќе го кренат својот глас против фалсификаторите на историјата на Македонија и ќе пеат ‘Славна Македонија’ (грчка песна)… Камбаните ќе одекнуваат низ градот, но низ цела Македонија“.
На денот, сите продавници биле затворени, сите институции и сите училишта биле затворени. Стотици автобуси носеле Грци од другите градови и провинцијата. На такси возилата стоеле ознаки „бесплатно возење“.
Главниот транспарент на главниот подиум гласел „Срцето на Грција бие во Македонија“. Иронично, илјадници гулаби биле пуштени да летнат кон небото, доле на земјата проследени со пароли од типот на „Мир, соработка и безбедност“, „Ние Македонците сме тука“, „Уа за фалсификаторите на историјата“, „Македонија – штитот на Грција“ и слични. Учествувале и куп фолклорни здруженија, облечени во „традиционална македонска носија“.
Тапани и скандирање имало низ цел Солун. Бродови и чамци пловеле крај брегот, полни со демонстранти со спасувачки елеци, и пукале огномет. Едрилица влечела лента со натпис „Македонија е грчка“.
Студентите исто така дошле организирани. Носеле транспаренти со „Нашиот предок е Александар Велики, а вашиот?“ (штета што не знаат за Демостен), маици со натпис на левата страна „Тука бие срцето на Грција“, ама и „попријателски“ пароли како „Скопјани, водете љубов, не измислувајте бајки“ (подобро звучи на англиски: „Skopjans make love, not fairy tales“).
Четири хеликоптера биле задолжени за ТВ преносот, сé до вечерта, иако протестот завршил околу 3 попладне.
Следната година, малата земја на нашата северна граница беше признаена од Обединетите нации под привремената референца FYROM (БЈРМ). Оттогаш преговараме.
via Vice Грција