Од понеделник „Северна Македонија“ и во пасошите, личните карти, возачките и другите лични документи

Во ниту еден момент досега немало застој во издавањето на патни исправи, лични карти, возачки дозволи или било каков друг документ во државата – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, во одговор до Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во мај се издадени 31.500 патни исправи, 22.552 лични карти и 10.663 возачи дозволи, а во јуни побарувањето значително се зголемува и само во перидот од 20 до 30 јуни има 31.500 повици и дадени темрини за лични карти“, аргументираше Спасовски.

Тој повтори дека не се работи за застој, туку за миграција на податоци во новиот надграден систем. Притоа откри дека истата е при крај и веќе од понеделник повторно ќе се издаваат сите документи, но ќе бидат усогласени со Уставот во делот на новото уставно име и другите законски податоци.

Спасовски сепак призна дека имало одредени проблеми со дипломатските пасоши, но тоа, рече, не ги засега граѓаните.

Проблем, потврди, имало и во делот на регистарските таблички, но поради одреден застој во јавната набавка, кој е надминат откако по забелешки од Бирото за јавни набавки била обезбедена конкурентност и како резултат во понеделникот стигнале 14 илјади таблици во магацините на МВР.

- Реклама -