Професорката Гордана Силјановска-Давкова, пратеникот Влатко Ѓорчев, членот на фракционерското крило на ВМРО-ДПМНЕ – Филип Петровски и уште две лица кои не се откриваат, дознава „НОВА“ од високи партиски извори, се засега пријавените за претседателски кандидати во ВМРО-ДПМНЕ.
Рокот за учество на конкурсот истече вчера на полноќ, но партијата ќе почека до 5 февруари за да даде доволно време за евентуално да стигнат и пријавите испратени преку пошта.
Од пријавените кандидати, меѓутоа, Силјановска-Давкова е таа што е фаворит на раководството на партијата, а убедлива била нејзината предност пред другите кандидати и на интерните анкети направени во изминатиот период.
Според високиот партиски извор на „НОВА“, се размислува кандидатурата на Силјановска да се потврди и со собирање потписи, за да се „потврди поддршката која ја ужива меѓу населението“, со што нејзината кандидатура не би била само партиска, туку и граѓанска.
Во секој случај, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека нема да ги бојкотираат претседателските избори, на кои се уверени дека ќе остварат победа.
Филип Петровски својата кандидатура ја поднесе вчера, а проф. Силјановска-Давкова сè уште размислува дали да ги прифати повикот и поканата од нејзините колеги. Покрај неа, најсериозен кандидат е Влатко Ѓорчев, откриваат изворите од партијата.
Својот кандидат за претседател партијата ќе го соопшти на конвенцијата во Струга на 16 февруари.