Од нападите на Груевски ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе уште посилна, смета Стојанче Ангелов

Фејсбук статус на Стојанче Ангелов (претседател на „Достоинство“ и директор на Центар за управување со кризи)

Внимателно ги следам случувањата на македонската политичка сцена. Во некои од нив и самиот непосредно учествувам. И како креатор на политики, но повеќе како аналитичар или коментатор во честите јавни настапи.

Моја проценка е дека вербалното и пишано амнестирање и величење на носителот на Режимот Никола Груевски како авторитет кој ќе помогне да поминат уставните измени и со тоа Македонија ќе продолжи по нејзиниот европски пат, од страна на некои од перјаниците на владејачката гарнитура, ќе резултира со дополнително збивање на и онака густо збиените редови на ВМРО ДПМНЕ.

Систематските напади од Груевски врз Мицкоски ќе доживеат фијаско, а ВМРО ДПМНЕ со Мицкоски на чело, од нив ќе излезе уште посилно.

Ова го зборувам особено поучен од моето лично политичко искуство кога заедно со иконата на ВМРО-то, војводата Љубчо Георгиевски како и братот Љубе Бошкоски со нашата предизборна коалиција “ВМРО за Македонија” во 2016-та тргнавме во директна политичка пресметка со тогашниот лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски. Битка во која бевме прегазени од ВМРО ДПМНЕ и која на изборите во декември 2016-тата ја загубивме со освоени 25.500 гласови кои не беа доволни за пратеник од нашата коалиција.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Иако се шеташе со “ножеви забиени во грб” од неговиот претходник Љубчо Георгиевски, Никола Груевски победуваше на сите избори и се одржа на власт повеќе од 10 години. Груевски победи дури и во декември 2016-та после сите објавени “бомби”, коалиции и револуции.

Ваквата цврстина на врвот на ВМРО ДПМНЕ, но и на СДСМ, доаѓа од повеќе причини кои детално ќе ги елаборирам во некој друг текст. Во глобала се работи за два типа на интерес или очекувања. Првиот Македонија, а вториот личен. Или двата измешани заедно. А можеби и по обратен редослед. Можеби и без вториот од обратниот редослед.

Кога во СДСМ би се случила слична внатрешна битка резултатот би бил ист како во мојата проценка за ВМРО ДПМНЕ.

- Реклама -