Сумите што блиските на Орце Камчев ги повлекле од сметките, во кеш – според информации на „360степени“ оној истиот кеш кој на снимките од „Ла Верита“ го видовме во торбата „Луј Витон“, ја алармирале и Управата за финансиско разузнавање (УФР).
УФР постапила законски и го известила СЈО, како надлежен орган, околу извлекувањето големи суми евра во готовина од сметки на членови на семејството на осомничениот во случајот „Империја“ – Јордан Камчев. Откако Управата била известена од банките, подготвила т.н. „Извештај за сомнителни активности“ и го доставила до Специјалното обвинителство, потврдуваат од УФР за „360 Степени“.
Како што пишува порталот, известувањето требало да биде аларм за Катица Јанева да провери што се крие зад повлекувањето на овие големи суми пари. Од СЈО за „360степени“ не одговориле дали и кога го добиле извештајот од УФР како постапило СЈО. Одговорот, пишува порталот, можеби треба да се бара во чекорите што ги презема СЈО (а за кои обвинителите од СЈО тврдат дека биле лична одлука на „специјалната“ Катица Јанева): заменување на затворскиот со куќен притвор, враќање на пасошот и барање истрагата да се затвори без затворски казни.
Но, извештајот на УФР има и една друга тежина врз случајот „Рекет“, а таа тежина ја влече од фактот што Боки 13 го споменува во разговорот со Камчев објавен од „Ла Верита“. Во аудио-снимката, Боки 13 му кажува на Камчев дека постои „безобразен“ указ од УФР во кој се бара и притвор, а потоа го подучува што значи кратенката и го уверува дека Јанева ќе излезе со предлог дека нема никаква опасност од бегство.
Оттука, се поставуваат неколку прашања. Имено, ако Јанева навистина не е вмешана и е злоупотребена, како што тврдеше на својата прва прес-конференција по избивањето на аферата, тогаш: 1) Зошто дозволила куќен притвор и враќање на пасошот, игнорирајќи го указот на УФР? и 2) Од каде знаел, односно кој му кажал на Боки 13 за указот на УФР? 3) Ако тоа не била Јанева, значи ли тоа дека вмешано или вмешани се и трети лица?, прашува ТВ „Алфа“.