Во Културно-информативниот центар во Скопје, во салонот „Империјал“, на 5 јуни, во 19 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ од универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, во издание на „Панили“.
Промоцијата нема да биде во класичен формат со формални обраќања, туку ќе се реализира како разговор меѓу авторката и Елена Ѓорѓиовска, која, под менторство на професорката Мојсова-Чепишевска, работеше на магистерски труд посветен на македонската книжевност за деца. Оваа форма ќе даде дополнителна симболична димензија на настанот: дијалог меѓу професорката и нејзината поранешна студентка, како и меѓу истражувачкото искуство и новата генерација на толкувачи на литературата за деца.
Извадоци од книгата ќе читаат студентките Ана Манасиевска, Марија Наумоска и Ана Љубиќ, кои се дел од Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ е книга која отвора широк и интересен простор за интерпретација на детската книжевност – не како дополнителен или помал литературен свет, туку како сложена, богата и културно значајна област во која се спојуваат приказната, играта, детската имагинација, воспитувањето, јазикот, сликата и современата култура. Ова дело може да се восприеме и како мала историја, но и како вовед во теоријата и поетиката на детската книжевност, со свесноста дека книгите за најмладите читатели не се само прв допир со литературата, туку и прв поглед во светот, во вредностите, стравовите, радоста и фантазијата.
В војата книга, Мојсова-Чепишевска продолжува со својата посветеност на детската книжевност и македонската култура, поставувајќи ги познатите ликови, приказни и книжевни модели во ново, современо и аналитички прецизно читање. Од Црвенкапа како еден од најсимболичните ликови во детската литература, до Џинџуџе, кој претставува нови книжевни и имагинативни светови, книгата ја следи потрагата на детето, како слушател, читател, толкувач и сопатник во светот на литературата.
Весна Мојсова-Чепишевска е една од најзабележителните теоретичарки и критичарки во македонската литература, како и универзитетска професорка. Како дел од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, таа со години активно учествува во проучувањето и афирмацијата на современата македонска книжевност, а во последно време особено внимание посветува на книжевноста за деца. Нејзината работа соединува академска строгост со живата читателска љубопитност, а токму оваа врска е една од најзначајните карактеристики на новата книга.
Промоцијата на „Од ’Црвенкапа’ до ’Џинџуџе’“ е прекрасна можност за публиката да се запознае со делото што ја враќа детската книжевност во центарот на литературниот и културниот разговор – точно онаму каде што започнува секое значајно читателско патување.




