Од Балканот се прави резерват за евтина работна сила

Од балканските земји се прави резерват за евтина работна сила, а името му е „Берлински процес“, вели за српскиот 021.rs филозофот Александар Матковиќ од Нови Сад. Зборува конкретно преку примерот на Србија, но како што ќе видите и сами, кажаното се однесува и на Македонија.

Имено, „откако во текот на последните децении на 20-от век Србија беше изолирана од светот,  на почетокот на новиот милениум овдешните политичари го фаќаат возот, т.е. неолиберализмот станува секојдневица на балканскиот човек. И фашизмот, како и неолиберализмот, ги следи законите на капитализмот“, пишува Матковиќ во својот докторат на тема „Политичката економија на фашизмот“, кој во 2018-та ќе биде претставен и на престижниот Хумболтов (Humboldt) универзитет во Берлин, каде што Матковиќ ќе ги продолжи истражувањата.

Темата на неговите истражувања покажува една поширока димензија на фашизмот, таа што често не ја ни забележуваме, а која практично ја живееме. Проблемот со фашизмот, вели, е што се набљудува само како идеологија, а се запоставува фактот дека економската криза е главната причина за неговото постоење. А во меѓувреме, претходниците на фашизмот, како што се кризата на либерализмот и Големата депресија, постојат и денес.

„Фашизмот не беше само идеологија, туку всушност еден од лековите со кои се лечеше капитализмот. Тоа што ги обедини европските фашисти беше обидот да се сочува капитализмот. Кризата на ’90-тите се разреши токму во политичката економија на фашизмот: соборување на трудот, укинување на граѓанството, присилна акумулација, па оттаму и индустриска експанзија. Првите приватизации ги извршија германските нацисти, а нивната партија е дури и основана со манифест против должничкото ропство. Европа, по прв пат во историјата, се обедини токму во нацистичкиот капитализам кој почиваше на рушењето на европскиот пролетаријат, што го направи примамлив за европската буржоазија. Фашизмот два пати го спаси капитализмот: прво од самиот себе, а потоа и од комунизмот“, порачува Матковиќ.

Според него, континуитет постои и во денешницата, бидејќи фашизмот никогаш не бил целосно поразен. Дури и откако знамето на СССР се развиори над Берлин во 1945 година, фашизмот продолжи да живее преку режимите на Франко во Шпанија, Салазар во Португалија или на Перон во Аргентина.

„Тоа што нашите партизани го знаеја – дека фашизмот не е поразен сé додека постои и капитализмот, важи и денес. Од падот до кој го доведе, европскиот пролетаријат никогаш не се опорави. Токму тоа е реалноста која ја живеат неговите обесправени потомци – денешниот прекаријат. Неолиберализмот веќе наголемо се потпира на насилство во економиите, од империјализам и outsourcing, па до она што се случува на перифериите, како Србија. Денешната криза не е никаква финансиска, туку криза на производството – акумулацијата не можеме да ја вратиме на претходното ниво со тоа што доволно ќе посакаме – таа е сепак укотвена во производството. Затоа треба да се зборува за фашизмот, бидејќи фашизмот беше присилен одговор токму на кризата на акумулација. Антифашизмот мора да се разбуди и да ја воочи таквата врска. Не смееме да се заведуваме со политичката страна на фашизмот, бидејќи тој не е само политика, туку и организирана експлоатација“.

Лошото допрва доаѓа

Минималецот во Србија стана стандард, иако би требало да биде исклучок, пишува 021.rs. Власта зборува дека не се работи доволно, но преќутува дека трудот, всушност, не е доволно вреднуван. Тоа му доаѓа нешто како „fun fact“ за странските работодавачи на кои им се прикажува реклама за овдешните земји како земји со евтина работна сила.

Во балканскиот политички новоговор, синтагмата „директни странски инвестиции“ завзема посебно место. Но, што се однесува до Матковиќ, тие не постојат.

„Профитот од директните странски инвестиции никогаш не оди кај српските работници или компании, туку се враќа од каде што е дојден – странските фирми. Работните места се недвосмислено платени од државата, а на толку субвенции, прашање е колку се тоа всушност директни инвестиции. Како тоа да не е доволно, дополнително се напаѓа и ваквиот слаб закон за труд. FIAT го одзема правото на штрајк. Hestil сака да прави работен камп. Во Gosh немаат што да јадат. Тоа се странските инвестиции: задолжување, субвенции, подвработеност (помалку работници од потребното) и деградација. Со други зборови – економски империјализам“, вели тој.

Прочитајте и:  Тркалезна маса на „ПРО-ЗА Балкан“: Како писатели можеме да ги освестуваме луѓето дека живееме во дистопија

Актуелниот српски Закон за работа (ZoR) и претходно беше мета на напади поради тоа што им беше наклонет на работодавачите. Но, според Матковиќ, тоа е само врвот на сантата. Вистинската опасност се законите кои ќе се протуркуваат преку него, а тоа се законите за дуалното образование и агенциското вработување. Земени заедно, тие ќе ја претставуваат идната институционална инфраструктура.

„Таа инфраструктура ќе се врти околу несигурните работни места и веќе смета на тоа дека притисокот од константната невработеност ќе ја заостри конкуренцијата меѓу работниците. Опасноста се наоѓа во тоа што, покрај соборувањето на цената и правата на секој што работи, со тоа се гради и еден облик на државно уредување кој е базиран на долготрајни мерки за штедење. Тоа значи дека овде веќе не се работи за криза, туку за (свесна) политика; и тоа важи не само за Србија, туку и за целиот Балкан. Од балканските земји се прави резерват за евтина работна сила. Името му е Берлински процест.е. се работи за измена на начините на интеграција во Унијата, која ќе нé интегрира токму како целина – како неолиберализиран Балкан“, заклучува Матковиќ.

Странските инвестиции се штетни по здравјето. Кликнете на сликата за да прочитате.

Левица, десница, централно

Поединечните странки во Србија што се удираат во гради со својот антифашизам и левата ориентација, одамна не се препознаени како левичарски; од проста причина што активно учествуваат во власта која правата на работниците ги сведе на минимум, пишува 021.rs.

Матковиќ смета дека левицата постои, но не во парламентот, бидејќи ниту една странка нема социјална програма која би ја предизвикала моменталната економска политика.

„Секоја нова левица може да стане политички релевантна ако: прво, се соочи со својата база и реалноста на луѓето кои ги претставува; и второ, ако се одлучи на борба со десницата. Без тоа нема шанси да се провлече низ воспоставениот консензус кој почива на негација на социјалната добробит на најголемиот дел од населението. Социјални алтернативи постојат; тоа се домашните инвестиции, прогресивните даноци, заштитата на правата и укинување на мерките за штедење, но овие нешта нема самите да се стават на маса. Тоа мора да биде задача за левицата“, смета Матковиќ.

Левицата се наоѓа на маргините и во остатокот од Европа. Освен странките на центарот, кои одржуваат статус-кво, во подем се десничарските партии. Носени на крилата на национализмот и ксенофобијата, во Европа се креваат огради, ама не се решаваат кризите. Ставот на Матковиќ е дека ако европскиот континент не ги промени своите тековни политики, го очекува или експлозија на регионализмот, или, во најлош случај – анархија.

Маката на науката

Тема која често ги окупира српските медиуми, особено во последните месеци, е сé поголемиот број на заминувања на работници од Србија во Словачка и земјите од средна Европа на работа во нивните фабрики. Фразата „одлив на мозоци“ е ставена во позадина, но повремено повторно испливува кога ќе се појават загрижувачки статистики за бројот на лица кои ја напуштиле земјата во изминатиот период.

Според Матковиќ, научните работници, особено асистентите и младите истражувачи, се наоѓаат во тешка положба меѓу бирократизацијата на науката и стандардизацијата на штедењето. Смета дека долгоочекуваните реформи во високото образование и системот на научното финансирање само ја влошуваат ситуацијата.

„Иако просветата и науката чинат важен дел од работништвото и ретката прилика за социјална мобилност, тие никаде не се претставени како такви. Синдикална покриеност нема, отпорот е редок, во јавноста се декларираат како елита, додека во пракса јазот меѓу оние кои профитираат од науката и оние на чиј грб се профитира – е огромен. Резултат се прекарни (несигурни) услови кои оневозможуваат развој на клучните сектори, како медицината, науката и технологијата. Затоа наместо занемарување, за тој јаз треба да се зборува јавно токму во време на промените кои наместо да го решаваат, тој јаз го продлабочуваат“.

Пишува: Зоран Стрика
Оригиналниот текст: ЛИНК

- Реклама -