Револуционерни очила за слабеење

Новите очила за слабеење можат да го измамат оној што ги носи дека јаде чоколадно колаче наместо бисквита или пак дека парчето храна е поголемо одошто навистина е.

Истражувачите од Универзитетот Токио го искористиле концептот наречен засилена реалност за да создадат илузија, што ќе ја направи секоја храна да се чини попривлечна или пак количински поголема за оној што ја консумира. На тој начин, луѓето ќе може да го задоволат гладот, со помалку внесена храна.

Во едниот проект, камерата поставена на очилата ја снима храната, а потоа снименото се зголемува во компјутерот, при тоа задржувајќи ја вистинската големина на раката. Во текот на експериментите, испитаниците што јаделе колачиња зголемени за 50 проценти, изеле 10 проценти помалку, отколку кога не ги носеле очилата. Кога колачињата со манипулација биле смалени на две третини од вистинската величина, испитаниците изеле по 15 проценти повеќе.

Прочитајте и:  Истражување: Јапонците најмалку уживаат во љубовниот живот

Во другиот проект, со помош на визуелни трикови и шишенца со мирис монтирани во очилата, се измамува мозокот на оној што ги носи очилата дека храната што ја јаде не е нешто обично, туку нешто особено вкусно, како на пример чоколадно колаче.

Во досегашните испитувања, преку 80 проценти од испитаниците биле измамени од новата технологија. Но, за сега, сè уште не постојат планови за комерцијализација на револуционерните очила.

- Реклама -