Инспекцискиот Совет формира тимови на инспектори кои во наредниот период од десетина дена координирано ќе вршат надзор врз спроведувањето на контролите во угостителските објекти, соопшти денеска претседателката на Инспекцискиот Совет – Магдалена Филиповска-Грашкоска, на прес-конференцијата на тема протоколите за работа на кафетериите и рестораните за спречување на Ковид-19. Овие тимови првенствено ќе имаат едукативна и информативна функција, односно детално ќе ги запознаваат угостителите со протоколите и ќе ги упатуваат во нивното спроведување, додаде Грашкоска, потенцирајќи дека ако и по првото укажување на некој угостител тој не почне целосно да ги спроведува протоколите, веднаш ќе биде казнет.
Тимовите ќе бидат составени од инспектори од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Агенцијата за храна и ветеринарство, а ќе се засилат и со контролори од Управата за јавни приходи.
Како што истакна Грашкоска, менаџирањето на влегувањето на гостите е задолжително и за таа цел потребно е локалот да обезбеди одговорно лице. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, пак, Стојко Пауновски, одговарајќи на новинарско прашање, дообјасни дека главниот товар за спроведување на делот од протоколот за тоа колку гости се дозволени на една маса – односно запазувањето на дозволениот максимум од четири лица на маса за четворица само ако се од исто семејство – паѓа на келнерите и сопствениците, односно самите угостители:
„Контролата е насочена кон кафетериите и оние кои вршат угостителска дејност. Дали лицата се две или четири на маса е одговорност на оние кои вршат угостителска дејност. Од нашата свест и совест ќе зависи дали мерките ќе одат на олеснување. Протоколите се донесени за да ги спроведуваат угостителите и тие се одговорни да бараат лични карти и да даваат соодветни места на оние кои ќе дојдат кај нив, па согласно тоа ќе преземаат мерки. Келнерот односно газдата ќе ги спроведува протоколите, а не инспекторите. Ние вршиме контрола кај угостителите, не кај граѓаните. И 12 лица може да бидат на маса, но да се распоредени со соодветна дистанца“, истакна Пауновски.
Повеќе детали за она што се бара во протоколите и како ќе изгледа посетата на угостителските објекти – ТУКА.