Обвинителството поведе постапка против осомничениот за полов напад на малолетник

Како што претходно објавивме, осомничениот Д.Х. е татко на портпарол на еден од поголемите политички субјекти во земјава

На предлог на надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка попладнево му одредил мерки на претпазливост

Основното јавно обвинителство Скопје попладнево соопшти дека повело постапка против 58-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека извршил полови дејствија врз малолетник роден во 2008 година.  

Зградата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија / Фото: „360 степени“ (Архива)

Претходно денеска од МВР за „360 степени“ потврдија дека е приведено лице со иницијали Д. Х., осомничено за полов напад.  

Инаку, Д. Х. е татко на портпарол на еден од поголемите политички субјекти во земјава.  

Од Обвинителството велат дека тој се сомничи дека сторил кривично дело од член 186 став 7 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.  

Оттаму информираат дека осомничениот во парк во една населба се сретнал со малолетникот, со кого претходно се познавале, и го повикал да разговараат.  

Потоа почнал да го допира, но тинејџерот успеал да се извлече и да го пријави случајот во полиција.  

На предлог на надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка попладнево на осомничениот му одредил мерки на претпазливост.  

„Со цел обезбедување на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска за јавување кај надлежен државен орган, одземање на патна и друга исправа за преминувањe на државната граница и забрана за воспоставување контакт со оштетениот. Судијата на претходна постапка попладнево ги прифати предложените мерки“,

се наведува во соопштението од републичкото Јавно обвинителство. 

Осомничениот за полов напад Д. Х.

Од МВР претходно информираа дека Д. Х. бил лишен од слобода од страна на полициски службеници од СВР Скопје поради основи на сомнение дека сторил кривично дело полов напад и други дејствија и дека во координација со Обвинителството работат на расчистување на случајот.  

- Реклама -