ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА КРЕАТОРОТ И АДМИНИСТРАТОРОТ НА „ЈАВНА СОБА“

Скопското обвинителство побара од судијата на претходна постапка да им изрече мерка притвор на креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм, кои вчера биле уапсени од полицијата по наредна на надлежен јавен обвинител, соопштија од Јавното обвинителство. Од обвинителството велат дека тие се осомничени за кривичното дело Производство и дистрибуција на детска порнографија.

„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, велат од обвинителството.

Понатаму, од Основното јавно обвинителство Скопје додаваат дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега било неопходно да се издадат 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи.

„По овие наредби и барања беа доставени известувања и анализи. Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка согласно Законот за кривична постапка, до овој момент Обвинителството не беше во можност да ги сподели овие податоци со јавноста, иако во текот на целиот период постапуваше и продолжува активно да постапува“, велат од обвинителството.

Обвинителството ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела. Од обвинителството велат дека МВР располага со база на податоци со имиња и презимиња на сите граѓани и странци, како и нивните лични податоци што ќе помогне настаните да се документираат и да се обезбедат релевантни докази по службена должност, а кога тоа го пропишува Законот за кривична постапка, и по наредба и барање на јавниот обвинител.

- Реклама -