Скопје, 22 декември 2021 (МИА) – Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информира дека до Основниот кривичен суд – Скопје поднело Предлог за определување на мерка притвор за Сашо Мијалков, по обвинение за „перење пари и други приноси од казниво дело“ во предметот познат во јавноста како „Плацовите на Водно“.
„По денешната одлука на Апелацискиот суд Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и е преиначено решението за притвор, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за определување на мерката притвор за Сашо Мијалков, обвинет за помагање при кривично дело ‘перење пари и други приноси од казниво дело’ од член 273 став 1 во врска со член 24 од Кривичниот законик, во предметот познат во јавноста како ‘Плацовите на Водно’ “, се наведува во соопштението на ЈО.
Според Јавното обвинителство, обвинителот цени дека и покрај дадената гаранција и определените мерки за обезбедување, сѐ уште постои опасност од бегство и во таа насока го доставило предлогот за притвор.
Апелацискиот суд во Скопје денеска ја прифати гаранцијата од 11.106.501 евро со што поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како што потврдија за МИА од Судот,ќе излезе од притвор откако ќе биде приложена финансиската гаранција со која мерката притвор се преиначува во мерки за претпазливост, односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во суд.
Гаранцијата од над 11 милиони евра се состои и во недвижен и во подвижен имот, а Мијалков треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега.
Оваа мерка притвор на Мијалков му беше изречена во врска со предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на осум години затвор.
Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда.
Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.