Специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова утрово беше начекана од новинарите на пат кон рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје за случајот „Титаник“, каде таа го застапува обвинението.
Прашана да даде експертска оцена дали е вообичаена и исправна процедура обвинител да контактира со осомничен за да го убеди да биде сведок и во други истраги, како што тврди дека правела Катица Јанева во разговорот со Орце Камчев кој може да се чуе на снимките објавени од „Ла Верита“, Стефанова, притисната од упорноста на новинарите, одговори дека „не е експерт за криминал“, туку е „експерт против криминал“.
Сите други прашања, како тоа дали СЈО ја изневерило јавноста, Стефанова порача да бидат упатени кај нејзината шефица Катица Јанева. Брканицата со новинарите погледнете ја на „ТВ21“ (ЛИНК).
Како што потврдија од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е повикана на распит во вторник. Денеска, пак, по неговите колешки обвинителките Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, на распит е третиот обвинител на СЈО – Бурим Рустеми.