На денешното рочиште за крвавиот четврток, адвокатот на неколкумина обвинети, Донче Наков, нагласи дека тие не го извршиле делото со умисла.
Тој тврди дека актерот Владо Јовановски само пеел патриотски песни пред Собрание, а во собраниската сала рецитирал песна од Блаже Конески.
За актерот и за активистот Богдан Илиевски тој рече дека делото го извршиле со зборови, а не со насилство.
За секој од обвинетите, Наков даде опис на нивната личност:
Љубен Арнаудов, над 15.000 породувања во импозантна кариера од 30 години работно искуство. Пратеник во Собранието, избран со мнозинство и со голем углед. И во таква кариера со спасување на човечки животи тој денес е обвинет за тероризам и дека сакал некому да наштети.
Владо Јовановски, глумец, нормален човек, со нормално семејство и со високи кредити. Патриот, емотивен тип, но никако терорист.
Богдан Илиевски, архитект, организатор на протестите на За заедничка Македонија, кој во 65 дена успеал да не дозволи да се случи никаков инцидент и тој никако не може да биде насилник.
Абдуљфета Алими, полицаец за кој Зијадин Села ја заложи својата куќа како гаранција дека Алими нема да бега. Човекот што овде е обвинет е еден од поважните сведоци во случајот со нападот на Села и врз основа на неговиот исказ беше донесена судска пресуда. Значи обвинителството во тој предмет му верува, а Села тврди дека Алими е лицето на кое тој му го должи животот“, образложи пред судот адвокатот Наков.
Главно, на денешното рочиште, збор има одбраната на обвинетите.