Обвинение за гинекологот што ѝ извади органи на Веапоска, ама затоа што ординирал на диво

Основното јавно обвинителство Струга информираше дека денеска до надлежниот суд доставило Обвинителен акт против 54-годишен жител на Струга, кој го сторил кривичното дело „Давање здравствени услуги без дозвола за работа“ од член 304-а од Законот за здравствена заштита.

Се работи за гинекологот Мухамед Асани, кој на јавноста ѝ е познат по случајот со родилката Јилдиз Веапоска, која го обвинува дека ѝ отстранил перфектно здрави матка, бубрег и јајник.

Како што наведуваат од Обвинителството, Асани, како здравствен работник – доктор специјалист по гинекологија и акушерство, давал здравствени услуги во простор за кој немал дозвола за работа. Имено, тој во просторија во неговата семејна куќа во која живее, подготвил ординација која не била регистрирана и означена. Здраствените услуги обвинетиот ги давал од 2013 до 2020 година со тоа што ги водел контролите на бременоста на повеќе пациентки. За извршените прегледи обвинетиот наплатувал по 1000 денари од пациентките, а за примените средства не издавал никаков доказ.

При извршен надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат при Министерството за здравство на 16 јануари 2020 година, било констатирано дека за опремената ординација докторот не поседувал дозвола за работа, по што му било врачено Решение со кое му било забрането во неа да врши здравствена дејност, додаваат од Обвинителството.

Веапоска, која од Дебар отиде да се породи со царски рез во струшката болница, во меѓувреме, сѐ уште чека комисијата назначена од министерот за здравство Венко Филипче да излезе и да образложи зошто ѝ биле извадени органите.

„Зошто уште се молчи и која од институциите сака да го заташка случајот? Комисијата беше составена на 13 март и јас бев повикана на сослушување само еднаш. Министерот Филипче соопшти дека на почетокот на мај ќе излезат јавно да го соопштат наодот, но крај на месец мај дојде и уште нема одговор. Одговор немам ни од струшкото обвинителство кое кажа дека за неколку дена ќе излезат со соопштение. Нема одговор ни од Министерството за здравство, ниту од Обвинителството во Струга. Многу долго време се молчи за мојот случај“, изјави Веапоска денеска за „Слободен печат“, пред ЈОРМ да соопшти за обвинението.

Петчлената комисија беше формирана на 16 март со решение на министерот Филипче, откако стручниот надзор на Лекарската комора утврди дека Асани не направил пропуст во лекарската интервенција кога на Веапоска ѝ биле извадени органите и откако реагираа голем број граѓани и здруженија, пред сѐ Платформата за родова еднаквост, која побара детална истрага и одговорност за случајот со родилката.

- Реклама -