На радост на дечињата, денес беше пуштено во употреба целосно обновеното детско игралиште во гостиварската населба Малеарди.
Новите лулашки, лизгалки и други реквизити на општината ги донираше Хуманитарното здружение на граѓани „Д-р Трајче Нешковски“, а ова убаво детско катче е сместено веднаш до муралот со неговиот лик.
„Целта на оваа донација да создадеме едно забавно катче за децата од оваа населба, меѓутоа и од другите делови на градот. Да имаат место кадешто ќе може да се дружат да споделуваат детски насмевки и да се социјализираат. Меѓудругото, ова беше и третата хуманитарна активност од предвидените во викендот кој се организираше во чест на д-р Трајче Нешковски и со неа практично ги завршуваме најавените проекти, коишто пред сѐ имаат јавен интерес и се од општествено добро. Се надевам дека играчките ќе имаат подолг век и дека дечињата долго време ќе имаат едно свое катче во кое ќе споделуваат заеднички моменти. Сакам да им се заблагодарам на Општина Гостивар за подадената рака за соработка, меѓутоа и на сите граѓани коишто доброволно се вклучија во хуманитарната активност, секој во рамки на своите можности за ова катче да изгледа вака“, рече Ема Нешковска од здружението донатор.
На пуштање во употреба на детското игралиште во Малеарди присуствуваа и градоначалникот Валбон Лимани и претседателот на општинскиот Совет, Намик Дурмиши.
„Општина Гостивар е скогаш отворена и подготвена да соработува со сите граѓански здруженија. Се надевам дека ова детско катче, кое е во чест на д-р Трајче Нешковски и ќе ги потсетува сите граѓани на него, ќе биде зачувано. Во иднина се надевам дека ќе имаме сѐ повеќе вакви проекти“, изјави Лимани.
Хуманитарниот викенд во чест на д-р Трајче се одржа од 18 до 20 октомври, со музичка вечер, детска забава, крводарителна акција и турнир во мал фудбал. Собраните средства од настаните се наменија за престој во градинка за децата на самохрани родители, потребни помагала за жените борци против ракот на дојка и реновирање на детското игралиште во Малеарди.
Во рамки на активностите беше откриен и муралот со ликот на Нешковски.