Објавена книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова

Во издание на Центарот за култура и културолошки студии е објавена книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова. Исцртувајќи, односно испишувајќи книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа, во оваа книга, Илкова успева да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Во книгата се истражува поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и покажува како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации чии книжевни ликови талкаат по улиците на Скопје.

– Книжевната визија на Скопје не е идентична со неговата географска мапа. Токму затоа, Моника Илкова се обидува да ја исцрта (испише) неговата книжевна мапа. И успева во тоа! Оваа книга е патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. Правејќи суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации, Илкова нè упатува кон размисла дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Ама со својот стил на пишување и истражување и со самата структура на книгата, и кај нас како читатели ја буди носталгијата за нашето Скопје. Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија. Ама оваа книга, поради истражувачката темелитост со која се одликува им е потребна и на македонската книжевна наука и на македонската културологија, истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска.

Според уредникот на изданието, Иван Антоновски, одделно значајно е што во оваа книга, Илкова успешно ја истражува и новата македонска книжевна сцена кај која односот кон градот повторно се пројавува како една од доминантните творечки преокупации.

– Но и што притоа го препознава и го анализира и тонот на ангажираноста во дел од поновите книжевни остварувања. Следејќи ја хронологијата на книжевните дела поврзани со Скопје што ни ја овозможува Илкова, повторно се потврдува дека како што посочува и таа – Скопје во секој период од своето постоење бил најубав град, само тоа, речиси секогаш (барем во книжевноста), отпосле му е признато, подвлекува Антоновски.

Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Иван Шопов… Ова се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова. Студијата се темели на повеќе теории од познати теоретичари, но и покрај тоа е напишана на начин што овозможува да биде интересна за поширокиот аудиториум.

Инаку, ова е прва книга на Моника Илкова, а нејзината првична верзија беше магистерски труд работен под менторство на професорката Весна Мојсова-Чепишевска, одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

„Книжевна мапа на Скопје“, од утре ќе биде достапна за читателите и во книжарниците, а првата промоција на книгата ќе се одржи на 13 Ноември, денот на ослободувањето на Скопје.

Извор