Обединетите нации повикуваат на деескалација и на максимална воздржаност по израелскиот напад на Бејрут

Од либанското Министерство за здравство велат дека бројот на загинати е зголемен на 14 и оти спасувачките тимови се на терен и пребаруваат евентуални нови жртви под урнатините

ФОТО: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Обединетите нации се загрижени по денешниот израелски напад на Бејрут во кој беа убиени најмалку 12 лица, како и командант на Хезболах и ги повикуваат сите страни да покажат максимална воздржаност.

„Ние, се разбира, сме многу загрижени за зголемената ескалација вклучувајќи ги и смртоносните напади што ги видовме во Бејрут денеска. Ги повикуваме сите страни веднаш на деескалација. Сите мора да покажат максимална воздржаност“,

изјави Стефан Дижарик, портпарол на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Либанското Министерство за здравство информира дека во нападот убиени се најмалку 12 лица, а 66 се повредени. Подоцна оттаму додаваат дека бројот на загинати е зголемен на 14 и оти спасувачките тимови се на терен и пребаруваат евентуални нови жртви под урнатините.

Во нападот, кој израелската војска го опиша како „насочен“, загина Ибрахим Акил, шеф на елитните сили на Хезболах – Радван и најмалку 10 други команданти на Хезболах. Нападот се случи во предградието Дахије во Бејрут, кое се смета за упориште на Хезболах. 

Поради бранот експлозии насочени кон Хезболах во Либан оваа недела, Советот за безбедност на ОН почна итна седница.

Состанокот е побаран од Алжир во име на арапските држави, а доаѓа по последниот израелски воздушен напад врз Бејрут, во кој загинаа најмалку 14 лица, а десетици се ранети.

- Реклама -