53-годишната Маритес Фортализа од САД, која работи во куќата на инвестициониот банкар Ворен Стивенс во центарот на Њујорк, целиот викенд го поминала заробена во лифтот во куќата.
Маритес во лифтот влегла во петокот, а пожарникарите интервенирале дури во понеделникот, кога на сила го отвориле лифтот. Периодот во меѓувреме жената го минала заглавена меѓу вториот и третиот спрат на куќата, која се наоѓа на Менхетн, во близина на Централ Парк (фото).
Во моментов жената се опоравува во болница. Била најдена дехидрирана, но е во стабилна состојба, соопштува семејството на банкарот.
Маритес веќе 18 години е „дел од поширокото семејство Стивенс“, се вели во соопштението, и на сите им е навистина драго што таа е добро. Велат дека во текот на викендот никој од семејството не бил дома, а и немало никој друг во куќата додека Маритес работела.
Истрагата за причината за дефектот на лифтот е во тек.