Поради пожарите викендов на Шар Планина, од управата на Националниот парк евидентирале дека се изгорени површини од вкупно 170 хектари. Десет вработени оделе 90 минути пеш за да стигнат до пожарите за да се интервенира со метли и лопати.
-Во овој пожар изгореа 170 хектари , од кое под државна шума околу 20 хектаари, зафатена со приземен пожар на 30 % од површината, околу 70 хектари приватно земјоделско земјиште и мали парцели под приватни шуми, а остатокот е високопланинско пасиште, сопственост на РСМ. При итервенцијата забележавме волк, дива свиња и еребица камењарка како бегаат од огнот и мечка која исплашено се криеше во пештерата, информираа од НП Шар Планина.
Според нивната евиденција лани имало 12 пожари, а од почетокот на оваа година до сега, веќе има 10 пожари.
-Овие бројќи укажуваат на два проблема, и тоа промената на климата но и однесувањето на луѓето. Пожари имало и ќе има но во променети временски услови треба да ги адаптираме практиките на живеење. Пролетното и есенското чистење на отпадоците и палењето на пасиштата во услови на сува вегетација поради благите зими и намалени количества врнежи имаат катастрофални последици и за луѓето и за природата. Цената по човечкиот живот и загубата на природата и биодиверзитетот немаат вредност. Во вчерашниот пожар жителите на Вешала изгубија вредни приватни имоти, прекрасна букова шума, поподложни се на поројни поплави и ерозивни процеси, изгубија и вредни собиралишта на смреки и боровинки, соопштија од Националниот парк.
Установата има годишна програма за заштита и превенција од пожари и работи по истата веќе втора година.
-Ни недостасуваат плановите за управување со шумите и вегетациска карта за целото подрачје но и покрај тоа јасни се неколку параметри. Шар Планина е на северната граница на државата додека карактеристично е што голем дел од падините се стрмни и со јужна експозиција, а тоа ги прави многу суви. Со миграцијата село град, дополнително, обработливите површини околу селата се најчесто напуштени и обраснати со лесно горлив материјал. Статистиките низ годините покажуваат дека критичните периоди за пожари на Шар Планина се пролет и есен. Во летниот период ние како установа не воведовме забрана за движење во шума поради многубројното население во паркот кое има потреба да се движи до своите имоти, а самата планина има преку 80 влезови и излези што значи дека тешко е да се воспостави таа контрола. Управата на паркот го гледа спасот во соработката со локалното население и посетителите но преку континуирана едукација, велат од Националниот парк.
Од таму велат дека како единствена служба која се грижи за справувањето со пожарите во Националниот парк, цела Шар Планина, од Јажинце до Национален парк Маврово, располагаат само со неколку метли, лопати, напртњачи.