Најпосетената знаменитост во Шпанија, екстравагантната црква "Саграда
фамилија" во Барселона, би можела да се урне ако се реализираат
плановите за изградба на брза железница под ова чудо на архитектурата.
Најпосетената знаменитост во Шпанија, екстравагантната црква "Саграда фамилија" во Барселона, би можела да се урне ако се реализираат плановите за изградба на брза железница под ова чудо на архитектурата.
Се уште недовршената црква на Антонио Гауди, којашто се гради веќе 125 години, е позната по револуционерниот дизајн што го комбинира арт нуво стилот со никогаш претходно употребена градежна технологија. Нејзините како вретено издолжени куполи високи 170 метри се најпрепознатливото обележје на Барселона.
Градителите кои денес работат на делото на Гауди, кој починал во 1926 година, се плашат дека предложената изградба на метро под градбата тешка 22 илјади тони би можела да го загрози влезот од црквата.
Тие велат дека на опасност ќе бидат изложени и илјадници посетители кои секојдневно доаѓаат да ја видат знаменитоста кога е прогласена за светско културно наследство од УНЕСКО.
"Базата на 'Саграда фамилија' е тенка и изградбата на тунелот го изложува на ризик целиот објект. Ова не е конвенционален објект, а и геолошката структура не е стабилна", вели Хоан Ригол кој раководи со изградбата на црквата. Според градежниот план на агенцијата за железничка инфраструктура на Шпанија тунелот од подземната железница треба да поминува 75 сантиметри од специјалните потпори што ги држат темелите на црквата. Геолозите исто така предупредуваат дека потпорниот sид на тунелот би можел да повлекува корозивна морска вода во темелите на црквата. Градежни инженери и геолози, поддржани од странски академици, велат дека има многу непознатици во планот за кој велат дека бил пренасочен да не минува под куќи поради ризикот да се урнат.
"Тие велат дека технички се е возможно. Но студиите исто така покажале дека 'Титаник' не може да потоне. Подобро е да се избегнат ризиците", вели Марија Роза Суарез, шпански претставник на Меѓународната комисија за споменици и локалитети.
Планот да се ископа тунел широк 12-метри под "Саграда фамилија" треба да добие одобрение од градските власти, но некои каталонски националисти веќе зборуваат дека проектот е шпански заговор да се понижи автономниот регион.
"Свесно да се изложи на опасност еден локалитет прогласен за светско наследство е чин на безумен вандализам", вели Марк Шустер, професор од Катедрата за урбано планирање при Технолошкиот институт во Масачусетс, во своето писмо за поддршка.
Предложениот тунел би требало да ја поврзе Барселона со Хирона, а потоа и со Франција. Брзата железница од Мадрид до Барселона се очекува да биде завршена до крајот на годината.
"Саграда фамилија" годишно ја посетуваат 2,5 милиони посетители, повеќе од било која друга знаменитост во Шпанија, вели Ригол.