Новиот шеф на АНБ очекува и одобрува институцијата да се претопи во нова служба

Зошто се нафатил да биде директор на институција која самиот ја погреба на социјалната мрежа „Фејсбук“, честитајќи и пет години постоење? Ова беше едно од прашањата на „360 степени“ до новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, во врска со неговите планови за институцијата на чие чело е од неодамна

Новиот шеф на АНБ не е против спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање, макар тоа значело и дека ќе остане без институција со која би директорувал

Бојан Христовски, директор на Агенција за национална безбедност (АНБ) / Фото: 360 Степени

Бојан Христовски стана директор на Агенцијата за национална безбедност пред осум дена, што е само месец и половина подоцна откако на социјалната мрежа „Фејсбук“ и го честиташе роденденот на институцијата со зборовите:

„… шупливите темели на формирањето на новата Агенција во старт го зацртаа и краткиот рок на траење! Дојде време за темелни реформи и нов почеток!“.

Па, зошто Христовски се нафатил да биде директор на институција со „шупливи темели“, која нема да трае уште долго?

Бојан Христовски, директор на АНБ

„Бев разочаран како дел од УБК во тој период, но и во следните години што ги видовме по реформите во наводници кои се случија во 2019 година, бидејќи оваа година имаше можност конечно да се направи една стабилна и професионална служба. Но, таа можност не се искористи. Поради тоа, го честитав петиот и последен роденден на АНБ, односно согласно изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за потенцијално носење на нов закон, според кој би се споиле двете безбедносни служби“,

одговори Бојан Христовски, директор на АНБ.

Запрашан дали свесно прифатил да биде привремен директор, бидејќи очекува институцијата која ја води наскоро да престане да постои, тој вели дека за него било голем предизвик да направи се што може во периодот што следува, без разлика дали спојувањето на службите ќе се случи или не.

На директното прашање дали има амбиции да биде директор на евентуално новата служба, тој повторно кажа дека има многу работа пред себе.

„Оваа служба е обезглавена, фали кадар. Изминативе години имам чувство дека е оставена да изумира, не јас да ја погребам. Фали нов кадар од аспект и на квантитет и на квалитет… Планирам да правам промени, но сакам да им порачам на колегите да бидат спокојни дека сите што работеле во изминатиот период професионално, без разлика на нивните идеолошки ставови, како и приватните, никој нема да биде оштетен, напротив ќе бидат наградени“,

вели директорот на АНБ.

Бојан Христовски не исклучува да има и нови вработувања. Додава дека ќе се обиде да се спроведе првиот јавен оглас за вработување во АНБ, наспроти моделот на тајно регрутирање кој се применува во моментов.

„Ќе се обидам тоа да биде во 2025 година, покрај стандардното вработување без јавен оглас, што е нетранспарентно, но работењето на службата го налага тоа, бидејќи имаме специфични начини на работа, сакам за прв пат во историјата на постоење на оваа држава и на оваа служба, да иницирам и да направам вработување со јавен оглас. Со што ќе прибереме барем еден мал дел од најдобрите и најкомпетентни кадри во државава. Мислам на инженери, на безбедњаци, на економисти, на правници и на сите кадри и потенцијали со кои оваа држава располага“,

вели Бојан Христовски.

Директорот на АНБ смета дека критиките за евентуалното спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање, нешто што во јавноста го иницираше премиерот Мицкоски, имаат погрешен фокус.

Наместо тоа, вели тој, треба да се обрне внимание на ефикасноста на надзорните тела кои ќе ја набљудуваат работата на новоформираната агенција.

„Зарем мислите дека не е концентрација на моќ и постоењето на АНБ како една служба? АНБ и Агенција за разузнавање се доволно моќни и сами по себе. Спојувањето би ги направило малку помоќни, но во една служба. Но, клучен фактор за разбивање на таа концентрација на моќ е квалитетниот, ефикасниот и во пракса функционален надзор на службите или на таа нова служба што би се направила. Тоа е граѓанскиот, експертскиот надзор, парламентарниот надзор. Треба повеќе да се насочиме кон тоа. Кон функционалност на надзорот на службите, а не на тоа дали ќе има концентрација на моќ или не. Кога има добар надзор, не може да има концентрација на моќ“,

коментира директорот на АНБ, Христовски.

Тој смета дека законот за спојување на двете агенции треба многу детално да ги предвидува сите обврски, надлежности, одговорности на новата агенција, а на надзорните тела да им се дозволи овластувања од парламентот за да нема повеќе злупотреби во службата.  

- Реклама -