Компанијата Hyundai и официјално ја претстави втората генерација на хечбекот i20.
Уште во средината на август Корејците ги открија првите детали за моделот, но дури сега ги соопштија точните технички карактеристики и покажаа детали од ентериерот.
Димензиите на хечбекот се должина од 3.995 mm, ширина 1.710 mm, висина 1.490 mm и меѓуоскино растојание – 2.570 mm. Моделот е 40 милиметри подолг, за 24 mm поширок и со 16 mm понизок од својот претходник. Растојанието помеѓу двете оски кај новиот i20 се зголемило за 45 mm. Во внатрешноста на автомобилот место над главите и нозете на патниците на предните седишта се зголемило за 33, односно 24 mm. На задната клупа висината на кабината е 978 mm, а местото за нозете на патниците е 794 mm. За 10% пораснал обемот на багажникот, кој веќе достигна 326 литри.
Хечбекот ќе се нуди со избор од пет мотори – 3 бензинци и 2 дизелски. Првите се претставени од 1.25-литарскиот со две верзии на моќност – 75 и 84 КЅ, како и 1.4-литарскиот со 100 КЅ. Најслабиот од нив е во комбинација со 5-брзински мануелен менувач, а најмоќниот со трансмисија од шест степени. Дизелската понуда е со мотори од 1.1 и 1.4 литри, кои нудат соодветно 75 КЅ (180 Nm) и 90 КЅ (240 Nm). Тие работат во комбинација со 6-брзински мануелен менувач. Топ верзијата на втората генерација на Hyundai i20 може да биде нарачана со мултимедијален систем со меморија од еден гигабајт, панорамски покрив, грејачи за седиштата и управувачот… Хечбекот за прв пат е опремен со систем за предупредување за напуштање на лентата на движење.
Новата генерација на хечбекот ќе се произведува во фабриката на Hyundai во Турција, а ќе се нуди со четири нивоа на опременост – Access, Comfort, Panorama и LED. Премиерата на моделот ќе биде на автосалонот во Париз во октомври.