Новиот градоначалник на Солун: Не ми е лесно да речам „Северна Македонија“, па ја викам „Скопје“ или „ФИРОМ“

Освен една фотелја и седум советници, новиот градоначалник на Солун – Константинос Зервас, не смени ништо друго од мебелот во градоначалничката канцеларија кога стапи на функцијата во септември. Но, затоа смени сѐ друго во канцеларијата, до степен што таа воопшто не личи на канцеларијата на неговиот претходник Јанис Бутарис, пишува грчки „Катимерини“.

Кралството на Бутарис исполнето со дрангулии, портрети од Џек Николсон како го плази јазикот, Мелина Меркури (позната стара грчка актерка) и секакви други сувенири, кои му даваа живост на местото, се претвори во нова реалност. На нивно место сега стјат голем портрет на македонскиот воин Павлос Мелас, икона од Дева Марија, слики од грчки сликари, и секако, доминира грчкото знаме, пишува весникот.

Новиот солунски градоначалник, според „Катимерини“, е целосно различен од неговиот претходник. Додека Јанис Бутарис беше отворен и ги отвори прозорците на Солун кон светот, отфрлајќи ги фобиите од минатото, Зервас, иако не ја отфрла важноста на отвореноста, вели дека не сака да се бави со „градска дипломатија“ како неговиот претходник, бидејќи и онака таа не вродува со плод колку што се чини, тврди тој, додавајќи дека при неговата посета на Њујорк за Солун знаеле само Грците. „Најдете ми американски турист во Тесалоники. Тесалоники не постои на нивната мапа“, категоричен е Зервас.

Тој особено не ја дели отвореноста на Бутарис кон Северна Македонија, поконкретно поддршката за Преспанскиот договор, поради која поранешниот градоначалник на Солун во една прилика беше и пpeтепан од грчки националисти.

„Градоначалникот на Тесалоники не е ни министер за надворешни, ниту министер за туризам, ниту пак јас верувам во дипломатијата на градовите. Можете да речете, со право, дека јас сум малку почувствителен за патриотските и националните прашања. Мислам дека требаше да ја слушаме историјата и чувствата во градот што се однесува до прашањата околу нашите односи со нашите северни соседи. Мислам дека Преспанскиот договор беше лоша зделка“, вели Зервас.

Прашан дали и тој како премиерот Кирјакос Мицотакис, кој рече дека не би го потпишал, ќе го применува Договорот, Зервас одговара дека Солун, како општина, ќе работи на тоа сѐ што е македонско низ светот да има референца кон Грција, а не кон „демократијата на Скопје“.

Прашан како ја вика соседната земја по стапувањето во сила на Преспанскиот договор, Зервас одговара дека не му е лесно да изговори „Северна Македонија“, па земјава ја нарекува „Скопје“, „ФИРОМ“ и слично.

Прашан дали би ја посетил земјава ако добие покана од премиерот Зоран Заев, Зервас одговара дека посетата би ја оставил за некоја друга прилика.

 

- Реклама -