„Ќе обрнам внимание и на тоа што се правело во претходниот период. Не мислам само во периодот на Зарко Милошевски, туку и на повеќе директори во претходниот период согласно индиции за сомнежи за злоупотреба на службена положба, незаконско работење, политичко влијание што стигнуваат до мене“, рече новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ1
Бојан Христовски, чие именување за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) предизвикува реакции во јавноста, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, рече дека ќе обрне внимани на тоа што се правело во институцијата во претходниот период.
„Јас можам да кажам дека понатаму, во текот на моето работење, покрај тоа што ќе бидам насочен напред кон подобрување на условите за работа, професионализација на службата, во насока на тоа да станеме респектабилен партнер на меѓународната безбедносна заедница, ќе обрнам внимание и на тоа што се правело во претходниот период. Не мислам само во периодот на Зарко Милошевски, туку и на повеќе директори во претходниот период согласно индиции за сомнежи за злоупотреба на службена положба, незаконско работење, политичко влијание што стигнуваат до мене. Сето тоа ќе биде проверено и доколку најдеме факти, аргументи и докази за одредено незаконско реботење, за тоа ќе биде известено надлежното обвинителство“,
рече Христовски.
На прашањето дали тој може да биде објективен во проверките со оглед на неговиот партиски беграунд, Христовски рече дека „ниту смее, ниту може, ниту сака, ниту политички ќе делува во АНБ“.
„Тие што ме познаваат знаат дека сум професионалец и дека никогаш не ги мешам моите лични ставови и идеолошка, не партиска определба, нагласувам, во мојата работа. Точно знам да поделам што е тоа што е мое лично мислење, а што е тоа што е работа, професионализам и работење по законот“,
вели тој.
На новинарската забелешка дека, сепак, тој е именуван за директор поради тоа што премиерот имал доверба во него, а се познаваат по партиска линија, Христовски рече дека со премиерот се знаат повеќе години и имаат изградено меѓусебна доверба.
„Сметам дека тоа е сосема нормално. Тоа е пример во сите европски земји како и во Соединетите Американски Држави – веднаш по именувањето нова влада, нов премир или ново раководство на некоја држава, први за промена се директорите на безбедносните загенции“,
вели Христовски.
Прашан дали е можно да се случи, со оглед на партискиот беграунд, дел од странските пријателски служби да ја екскомуницираат нашата служба, тој рече дека неговиот личен однос со стратешките партнери и други безбедносни служби од западната хемисфера датираат од многу одамна.
„Во текот на моето професионално усовршување и мојата работа во Управата за безбедност и контраразузнавање сум поминал многу тренинзи и обуки во странски пријателски земји како и во земјата. Учествував во многу работни групи, во многу проекти поврзани со безбедноста на оваа држава, како и во подобрување на соработката со останатите безбедносни служби. Таа соработка, тие контакти ги користам и денеска и ќе ги користам понатаму. Во една реченица, можам да кажам дека имам одлична соработка со нашите стратешки пријатели“,
вели Христовски.
Прашан дали веќе воспоставил соработка со западните пријателски служби откако е избран за директор, Христовски одговори потврдно.