Новиот британски амбасадор во земјава Метју Лосон, кој кон крајот на јули ја презема функцијата од неговата претходничка Рејчел Галовеј, денеска се пофали дека добил сертификат за положен испит по македонски јазик, ниво Ц1.
„Одличен почеток на неделата со сертификат за положен испит по македонски јазик. Ми претставува чест и задоволство што го учам овој прекрасен јазик“, напиша Лосон на социјалните мрежи, споделувајќи кратко видео обраќање во кое, покрај тоа што соопшти дека е многу среќен, им порача и на граѓаните да ги негуваат македонскиот јазик и култура.
🇲🇰Одличен почеток на неделата со сертификат за положен испит по македонски јазик. Ми претставува чест и задоволство што го учам овој прекрасен јазик. pic.twitter.com/EWG2VOjIAE
— MatthewLawsonUK (@MatthewLawsonUK) October 17, 2022
Лосон и претходно имаше кратки видео обраќања на македонски јазик, вклучително и во честитките за Илинден и 11 Октомври.
Пред да ја наследи Галовеј, Лосон беше амбасадор во Таџикистан. Претходно бил заменик-шеф на британската мисија во Босна и Херцеговина од 2015 до 2018 година, а имал дипломатска служба и во Канада од 2013 до 2015 година. Бил и шеф на Одделот за Јужна Азија и Авганистан при Министерството за надворешни работи и Комонвелт од 2009-2011.