Новинарот Љупчо Златев тврди дека знае каква пресуда „е нарачана“ за него

Новинарот Љупчо Златев, уредник на порталот „Економски лидер“, кому на 30 јули Обвинителството му поднесе обвинение за „оддавање службена тајна“, продолжува да тврди дека случајот е политичка монтажа со цел да биде заплашен и замолчен. Во објава на Фејсбук, тој дури тврди и дека однапред има информација каква пресуда „е нарачана“ и ќе му биде изречена.

„На 29.09, во 09:30 часот ми е закажано рочиштето во кое ќе ме судат за оддавање на службена тајна. ‘Службената тајна‘ која јас ја објавив во мојот медиум е дека еден вработен во УБК бил отстранет од работа само затоа што неговиот татко присуствувал на протестите против промена на името.

Она што јас го објавив е класичен јавен интерес и злоупотреба од страна на службите. Она за што јас пишував е класично кршење на човековите права и правото на протест!

Уште од сега имам информација дека од судот било нарачано да добијам условна казна, за да се плашам да објавувам вакви злоупотреби од страна на службите“, пишува Златев.

Сепак, тој е категоричен дека притисоците кај него „не палат“:

„Но, драги мои, кај мене тие методи не палат. Јас не само што не се плашам, туку по ваков притисок сум уште похрабар. Злоупотребите, злоделата и криминалот не може да бидат службена тајна“, вели Златев во статусот.

- Реклама -