И оваа година организаторите на Таксират фестивалот ни подготвија интересна и богата програма погодна за сечиј вкус. Имено, списокот на изведувачи кои ќе настапат на главната вечер од јубилејното 15-то издание е побогат за уште неколку значајни имиња од светот на електронската музика и домашната хип-хоп сцена.
На радост на сите вљубеници во електронската музика, Таксират 15 ви ги претставува настапите на великанот на детроитската техно сцена и една од влијателните фигури во развојот на електронската музика, Карл Крег, како и еден од лидерите на хаус правецот, секогаш иновативниот американски диџеј Денис Ферер.
Покрај иноваторите на денс музиката, публиката ќе има прилика да ја посведочи и експлозивната енергија која на своите настапи ја пласираат едни од најдокажаните хип-хоп артисти на домашната сцена, ЛД Пистолеро и Гоце – САФ.
На главната вечер на јубилејното издание на „Таксират“ претходно беа најавени скопскиот пост-панк состав „Бернајс пропаганда“, српската рап-група „Београдски синдикат“, бендот „Мајке“ од Хрватска, „Дубиоза колектив“, шпанскиот ска-панк бенд „Д Локос“ и британските панк-рок легенди „Д Експлоитед“.
Главната вечер на Таксират 15 ќе се одржи на 28 декември, во Метрополис Арена во Скопје. За сите оние кои сакаат што поскоро да го осигураат своето присуство, организаторите на фрстивалот ги подготвија првите влезници кои веќе се достапни по промотивна цена од само 450 денари.