Поранешните пратеници, а новоизбрани градоначалници кои мандат освоија во првиот круг денес се збогуваа со своите пратенички фотелји во Собранието.
На седница на Собранието на РМ констатирано е дека пратеничкиот мандат им престанува на Петре Шилегов, Стефан Богоев, Сашо Поцков, Коста Јаневски и Максим Димитриевски, поради тоа што станаа градоначалници. На нивните места доаѓаат нивните сопартијци Татјана Лалчевска, Анета Симевска Димовска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев и Костадин Костадиновски.
Пратениците Бардиљ Даути од ДПА и Зеќирија Ибраими од БЕСА оставка поднеле пред вториот круг од изборите. На нивните места доаѓаат Мерал Узеини (ДПА) и Реџеп Мемети (БЕСА).
Пратениците кои освоија градоначалнички мандат во вториот изборен круг треба да ги почекаат конечните резултати од ДИК, односно како ДИК ќе се произнесат по повод приговорите поднесени од партиите. Кога ќе се знае дали некаде ќе има прегласување или не и дали разгледаните приговори ќе донесат измени во изборниот резултат, изборниот циклус ќе биде завршен.
Според резултатите од вториот круг, пратеници кои станаа градоначалници се Благој Бочварски во Штип (СДСМ) и Курто Дудуш во Шуто Оризари (СДСМ).