На Клиниката за инфективни болести се примени уште тројца пациенти од Скопје и од Куманово, така што моментно се хоспитализирани 49 лица, од кои седум се со потешка клиничка слика
Во последните денови, рече Филипче, збележуваме порамнување на кривата, но засега сме само внимателни оптимисти
Кај уште 16 лица во земјава е дијагностициран коронавирусот во последните 24 часа, со што вкупната бројка на заразени достигна 257. Има и два нови смртни случаи на Клиниката за инфективни болести, каде што починале пациенти на возраст од 31 и 91 година.
За младиот пациент кој починал утрово, министерот за здравство Венко Филипче рече дека бил примен во многу лоша здравствена состојба, која диполнително се влошила. Пациентот на 91-годишна возраст, како што информира Филипче, бил хоспитализиран пред осум дена.
*поврзана вест Починаа уште две лица од коронавирус, на 31 и 91-годишна возраст
На Клиниката за инфективни болести се примени уште тројца пациенти од Скопје и од Куманово, така што моментно се хоспитализирани 49 пациенти. Седум од нив се со потешка клиничка слика, со воспаленија на белите дробови, а во овој момент нема пациенти на респиратот, информира Филипче. Стабилна е состојбата на сите други пациенти ширум државата.
Двајца од пациентите имаат и втор негативен тест. За уште петмина второто тестирање се планира во текот на утрешниот ден, така што во наредните денови седум паценти може да бидат пуштени дома.
Филипче рече дека пандемијата во светот не стивнува и дека секојдневно расте бројот на заболени. Посочи дека влегуваме во вториот месец од своевидната војна со новиот вирус.
„Пред нас е најтешкиот период. Ни престои период во кој ќе расте бројот на заразени и на починати и мора да се соочиме со тоа. Смртта на младиот пациент е аларм дека мора да ја сфатиме сериозно ситуацијата и дека сите мора да се придржуваат кон препораките, без да се шири паника“,
рече Филипче.
Тој повтори дека е добро што има линеарен раст на бројот на заразени, односно дека секојдневно има приближно ист број на дијагностицирани случаи.
„Добро е што имаме линеарно зголемување, бидејќи се покажа дека не само нашиот систем, туку и многу поразвиени системи не можат да амортизираат екпоненцијален раст. Ние во последните неколку денови збележуваме порамнување на кривата. Но сега тоа не би го коментирал. Само би кажал дека сме внимателни оптимисти“,
рече Филипче.