Германската Вселенска Агенција DLR вчера предупреди дека од овој петок три тонски сателит ќе се сруши некаде на Земјата. Научниците предупредуваат дека ROSAT сателитот ќе влезе во земјината атмосфера помеѓу 21 и 24 октомври, и дека истиот би можел да се сруши било каде на Земјата помеѓу 53 степени северна и 53 степени јужна географска ширина – површина која се протега од Холандија на север до Огнена Земја на југ.
Агенцијата пресметува дека постои 1 во 2000 шанса дека ќе удри некого. Фрагменти – меѓу кои и парче огледало отпорно на високи температури кое тежи 399 килограми – би можеле да удрат во патека широка 80,4 километри. „ROSAT нема погонски систем кој би можел да биде употребен за подесување на неговата траекторија; ова значи дека влезот во атмосферата на ROSAT не може да биде контролиран“ изјавиле од германската вселенска агенција, DLR. „Времето и локацијата на влезот во атмосферата не можат да бидат прецизно предвидени. Во моментов датумот на падот може да биде пресметан со прецизност од плус/минус два дена.
„Овој временски период на несигурност ќе биде смален со приближувањето на падот. Сепак, дури и еден ден пред падот точноста ќе биде плус/минус пет часа. Сите области под орбитата на ROSAT, која се протега до 53 степени северна и јужна географска ширина би можела да биде изместена од судирот со атмосферата.“ Германскиот Вселенски Центар предупредил дека 30 „индивидуални парчиња со вкупна тежина од 1,6 тони би можеле да стигнат до површината на Земјата“. Огледалото отпорно на високи температури кое е дел од ROSAT најверојатно нема да согори при контакт со атмосферата.
Сепак професорот Хајнер Клинкрад од Европската Вселенска Агенција додал: „До сега, во 50 годишната вселенска историја ниту едно лице не било повредено од делови од сателит.“ ROSAT бил лансиран на 1 јуни, 1990 година од американскиот Кејп Канаверал за 18 месечна мисија. Тој всушност функционирал повеќе од осум години, сè до неговото откажување на 12 февруари, 1999 година. Тој сега би можел да се сруши на Земјата помеѓу овој петок и декември. Шансите дека некој би можел да биде повреден се релативно мали, но итните служби во Германија извршуваат вежби за справување со повреди од деловите на сателитот – иако не постојат докази дека ќе се сруши таму а не на некоја друга локација.
Минатиот месец германската вселенска агенција проценила дека ROSAT има 1 во 2000 шанси да погоди некого – повисока шанса од 1 во 3200 проценката на NASA за UARS, последниот сателит кој падна на Земјата. Но шансите за повреда на секоја индивидуа на планетава се всушност 1 во 14 трилиони. Невозможно е да се предвиди попрецизно поради ефектите на Сонцето врз нашата атмосфера. „Соларната радијација ја загрева земјината атмосфера и со тоа го зголемува атмосферското триење“ изјавиле од DLR. „Невозможно е да се предвиди точната локација на падот се до еден или два часа пред настанот.“
Минатиот месец, шест тонскиот UARS на NASA влезе во земјината атмосфера. Американците биле предупредени дека падот би можел да предизвика повреди и материјана штета. Сателитот беше далеку помал од 135 тонската руска вселенска станица Мир, која согори во земјината атмосфера во 2001 година или 100 тонската Skylab која паднала во 1979 година. До сега, оваа година две големи руски ракети исто така паднале на Земјата без да предизвикаат повреди. Поголемиот дел од Мир согори во атмосферата и неколку парчиња паднаа во Јужниот Пацифик, додека Skylab паднала во Индискиот Океан и ретко населени делови од западна Австралија. Бидејќи две третини од Земјата се покриени со океани, вселенскиот отпад најчесто паѓа во вода. [German satellite ROSAT will fall to Earth ‘from Friday this week’]