„Трагедијата што се случи на Кајмакчалан на 10 февруари ја ожалости нацијата и предизвика бура од реакции во јавноста. Оние што требаше веднаш да одговорат на многуте прашања што сите си ги поставувавме, не само што цела недела беа во ‘илегала’, не само што не излегоа (со вистината, се разбира) пред надлежните органи, туку и тогаш кога излегоа во јавноста, оставија впечаток дека го направија тоа единствено во функција да се амнестираат себеси од каква било одговорност за инцидентот во кој згаснаа два млади живота“, пишува Нова Македонија.
Според нив, извештајот е навредувачки и апсурден и полн со дупки и прашалници. Проблемите во него се сумирани во пет точки.
Прво, во анализата и извештајот на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) во точката 4 и во точката 5 се тврди дека водач на една од групите била Калина Велевска. Според Нова Македонија, тоа не било можно, затоа што Калина положила за водич само неколку недели порано, и тоа за летен. Главниот аргумент е тоа што Калина своето „обично членство“ го потврдила со самата уплата од 2.200 денари. Дека Калина не можела да биде водич сугерираат уште неколку аргументи, кои се наведени во текстот на Нова Македонија.
Понатаму, во точката 6 од извештајот се наведува дека дури 80 проценти од учесниците биле соодветно опремени за искачување во зимски услови, а само 20 проценти биле релативно добро опремени. Меѓутоа, снимките, фотографиите и изјавите од некои од самите учесници потврдуваат дека реалноста била обратната: Тие биле облечени во планинарска опрема, но за сосема поинакви временски услови, тенка, неводоотпорна, со никаква термална изолација.
Понатаму, во извештајот се наведува дека во 13 часот е алармирана спасувачката служба во центарот. Според сите сознанија, истакнува Нова Македонија, станува збор за службата за помош на скијачите, а не за професионална служба за потрага и спасување. Факт што говори во таа насока е тоа што во потрагата учествувале само ратраци.
А на крајот – крајот. Тој на извештајот:
„Во меѓувреме 1 ратрак во кој е Дејан повторно трнува во потрага во обид да ги лоцира според остварениот контакт. Телефонски контакт помеѓу овој ратрак и Алексадар и Калина се одржува се до 19 часот.“
… И? – прашува Нова Македонија. Точка? Крај? Извештајот не смее да завршува со истиот вел на мистерија со која првично беше соопштена трагичната смрт на Александар и Калина, се истакнува во текстот. Нова Македонија најавува своја истрага од тим од специјализирани новинари, и дека сите сознанија ќе бидат доставени до надлежните служби со цел на откривање на целата вистина околу трагедијата.
Дочитајте ги сите останати детали (а ги има) на порталот на НОВА МАКЕДОНИЈА.