Нова хотелска услуга: Си го прчиш, до толку што они ти постираат на Инста

„Relax We Post“ е нова услуга на швајцарскиот ланец хотели Ibis, наменета за гостите што ем сакаат да направат пауза од друштвените мрежи и да уживаат во својот одмор/престој, ем срцето им се крши ако нивното уживање не биде документирано со редовни Инстаграм постови со кои би ја изнудиле љубомората на останатата Инстаграм раја која од x причини не може да си дозволи и самата да постира фотки од кул места и хотели. Затоа хотелите на Ibis вработија „Инстаграм-ситери“ (како бејбиситери, ама за Инстаграм), кои ќе се погрижат вашите профили да бидат редовно апдејтирани за време на вашиот престој и релаксација во хотелот. Ваше е само да им ги кажете логинот и пасвордот од вашиот Инстаграм акаунт, а тие ќе се погрижат и за фотографиите, и за „сториите“, па и за реплицирање на коментарите.

Услугата ќе биде достапна во сите 17 хотели во Цирих и Женева, а за таа цел се ангажирани и 10 познати Инстаграм инфлуенсери (ака. влијателни) кои ќе го обучуваат персоналот. Згора на тоа, услугата е бесплатно достапна за секој од гостите.

Прочитајте и:  Австралија: Милионски казни за социјалните мрежи ако не спречат пристап за лица помлади од 16 години, корисниците ќе треба да се идентификуваат

Чуму вакво нешто? Од менаџментот на хотелот велат дека новата услуга е резултат на тоа што „внимателно ги следат најновите трендови“, но и на истражувањата на пазарот кои покажуваат дека дури 40% од туристите во денешно време ги бираат дестинациите според тоа колку истите се „инстаграмабилни“, т.е. врз основа на тоа дали локациите добро ќе изгледаат на Инстаграм.

Згора на тоа, токму материјалите создадени од самите корисници (како фотографиите и видеата) се покажуваат како клучен фактор за стапката на хотелска конверзија (број на резервации во сооднос со бројот на уникатни  месечни клиенти). Така што, колку и идејава да звучи претерано, всушност може и да им донесе солидна предност пред конкуренцијата.

А дека самото постоење на професија „инстаграм-ситер“ е бизарно – така е, ама такво е и времето. А и рекламава.

- Реклама -