„Кога отидовме на потпишување на Договорот од 2017 година со РС Македонија, мојата позиција и позицијата на ВМРО беше многу јасна. Таа позиција е од пред 30 години, откако постои независната држава Македонија. 30 години не се изморив да повторувам дека добрите односи не можат да се на сметка на бугарскиот идентитет. Како може да сакаш промена на позиција според која се заштитува бугарскиот национален интерес? Секој еден државник политичар треба да го заштитува бугарскиот национален интерес, а не партиските пристрасности“, изјави вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија – Красимир Каракачанов, во гостувањето на бугарската „бТВ“.
И овојпат тој не пропушти да ја потенцира целата помош што Бугарија ѝ ја дала на Македонија, па дури отиде и дотаму што оцени дека Бугарија повеќе од Македонија сакала Македонија да стане членка на ЕУ:
„Ние бевме првата држава што ја призна Македонија за независна. Дававме секаква поддршка, вклучително и воена, каква ли не. Ние, за разлика од Македонија, очигледно повеќе сакаме таа да биде дел од ЕУ“, рече Каракачанов.
Тој и понатаму тврди дека Бугарија нема претензии околу јазикот или идентитетот. Исто така, според него, 70 години во Македонија се култивира антибугаризам.
„Немаме против да си го нарекуваат јазикот како сакаат. Ако ти си решил да градиш нов идентитет, биди така добар да не го правиш тоа на сметка на бугарската историја. Зошто мораш, преку фалсификување на бугарската историја, да создаваш чувство на омраза кон Бугарите“, реторски праша бугарскиот вицепремиер.
Посочи дека Бугарија бара анекс на Договорот за добрососедство, во кои ќе бидат решени следните прашања:
• решавање на историските спорови
• промена на учебниците по историја
• откажување од претензиите за (македонско) малцинство во Бугарија
„Името ‘Северна Македонија’ се однесува само на територијата на Република Северна Македонија, а не и територијата на соседните земји, вклучително и на Бугарија. Исто така, сакаме да биде запишано дека во иднина, од било која причина, РС Македонија нема да бара малцински права во однос на населението во Република Бугарија“, додаде тој.
Во однос на притисоците врз Бугарија за промена на позицијата, Каракачанов ги нарече недолични:
„Секоја европска држава ги заштитува своите интереси. Не може неколку европски држави, наши партнери, да бараат држава-членка да се откаже од својот национален интерес во полза на држава кандидат. Таков парадокс нема никаде во светот“, рече тој.