Нова „бомба“: Шеќеринска и Бесими за гласањето на ДИК за локалните избори

Радмила Шеќеринска, заменик претседателката на СДСМ, му издава упатства на функционерот на ДУИ Фатмир Бесими, како Субхи Јакупи, член на ДУИ во ДИК, да го искористи својот „одлучувачки глас“ и да гласа во комисијата, за спорни ситуации за локалните избори во 2013 година.

Тоа е содржината на најновата аудио снимка што доцна синоќа на социјалните мрежи ја објави фамозниот Ел Чека.

За волја на вистината, Шеќеринска бара Јакупи да гласа принципиелно и според законот, за општините Куманово и Центар, што ќе му донесе победа на тогаш опозицискиот СДСМ. Станува збор за изборите на кои градоначалник на Центар стана Андреј Жерновски.

Останува отворено прашањето дали Шеќеринска воопшто смеела да води ваков разговор со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, со намера да влијае врз поведението на член на ДИК, во било која смисла.

За безмалку идентична ситуација, кривично одговараа Сашо Мијалков, Мендух Тачи и Бедредин Ибраими. Во првостепената пресудата за предметот „Титаник 2“, поранешниот директор на УБК Мијалков беше осуден на 3 години затвор, Тачи на 3 години и 2 месеци, Ибраими на 4 години и 6 месеци, Влатко Сајковски на 3 години, Сашо Срцев на 3 години и Елизабета Стефановска на 3 години затвор.

Плусинфо нема да ја објави аудио снимката и е во очекување на официјална реакција на Шеќеринска.

- Реклама -